дома КУЛТУРА Прва читачка ...

Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“

Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“

Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.

Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.

Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.

Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.

Текстот Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“ е превземен од МАКФАКС.

Exit mobile version