Илјадници вработени во американскиот онлајн гигант „Амазон“ викендов ќе протестираат на Црниот петок во повеќе од 20 земји во светот. Штрајковите и протестите ќе траат од 29 ноември до 2 декември – период кој се смета за најпрофитабилен во годината, кога трговците ги нудат своите производи по значително пониски цени. Работниците во „Амазон“ се незадоволни од исплатата за сработеното, а исто така ја обвинуваат компанијата дека не плаќа соодветен дел од даноците. Затоа, петта година по ред дел од вработените ќе штрајкуваат на Црниот петок и викендот што следи по него.
Еден од поголемите протести е планиран пред седиштето на „Амазон“ во Лондон. На компанијата ќе ѝ биде предадена петиција со повеќе од 110.000 потписи, по што ќе следи марш до Даунинг стрит 11, официјалната резиденција на канцеларот на касата. Кампањата веќе организираше слични протести во изминатите четири години. Минатата година за време на Црниот петок протестираа и вработени од повеќе од 30 земји.