Мораториум за носење нови животни во Зоолошката градина     

Мораториум за носење нови животни во Зоолошката градина     

Горјан Јовановски од Зелен хуман град и член на Советот на Град Скопје објаснува дека идејата за оваа иницијатива е да се донесе мораториум за носење нови животни во Зоолошката градина и да се започне со процес на нејзина трансформација во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови, што воедно беше и дел од изборната програма на Зелен хуман град во 2021 година

 

Зелен хуман град ќе поднесе иницијатива до Советот на Град Скопје за мораториум за носење нови животни во скопската Зоолошка градина. Тоа, како што велат, ќе се случи на седницата што ќе се одржи овој месец или евентуално на наредната, во септември.

Овој нивни чекор доаѓа по веста за евтаназија на африканската слоница Дуња.

– Зелен хуман град отсекогаш бил против концептот на Зоолошката градина, бидејќи тоа е затвор и тортура на животните. Животните се свесни битија и не заслужуваат да го поминат животот во заробеништво заради забава, во несоодветни услови, спротивни на нивните потреби и природа – вели Горјан Јовановски од Зелен хуман град и член на Советот на Град Скопје.

Тој додава дека идејата за оваа иницијатива е да се донесе мораториум за носење нови животни во Зоолошката градина и да се започне со процес на нејзина трансформација во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови, што воедно беше и дел од изборната програма на Зелен хуман град во 2021 година.

– Концептот на зоолошки градини каде што се чуваат животните во заробеништво, а со цел забава и едукација, мора да се напушти и да се премине кон нови концепти на едукација и запознавање на животинските видови, преку кои животните нема да бидат изложени на непотребно страдање, надвор од природните живеалишта, во вештачки создадени услови – велат од Зелен хуман град.

Оттаму додаваат дека во последниве две години сме биле сведоци на умирањето на двете жирафи во скопската Зоолошка градина – Каспер и Флопи, труењето на три пржевалскиеви коњи, како и на масовното колење 10 коња, со образложение дека биле болни.

– Во сите овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен разрешувањето на директорот Кристијан Стаменов во јули 2022 година – децидни се од Зелен хуман град.

Инаку, Драгана Велковска, исто така од Зелен хуман град и член на Советот на Град Скопје, уште во 2022 година побара скопската Зоолошка градина да се трансформира во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови, бидејќи, како што истакна тогаш, зоолошките градини се мачилишта и затвори за животните.

– Во нив, животните живеат заробени, во целосно неприродни услови и, според науката, покажуваат јасни знаци на нарушување на менталното здравје – беше децидна таа.

Според неа, таков центар не само што ќе биде прибежиште за повредените животни и за оние што останале сирачиња туку ќе биде и вистинско место за едукација за животот на животните, но и место за стручно образување македонски кадри, кои би работеле заштита на биодиверзитетот.

(А.П.)

Exit mobile version