Два бронзени медала за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки. Освоивме уште еден, ама за Хрватска

    Бронза освоија Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид, а достоен резултат постигнаа и Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Медал освои и Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за Македонија, а годинава како ученичка во Хрватска, медалот го освои за таа земја

    Два бронзени медала за Македонија освоија средношколките-информатичарки на 4. Европска олимпијада по информатика за девојки која се одржа од 21 до 27 јули во Велдховен, Холандија. Бронза освоија Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид, а достоен резултат постигнаа и Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Медал освои и Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за Македонија, а годинава како ученичка во Хрватска, медалот го освои за таа земја.

    Тимот го предводеа д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), членови на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) што го организира нашето претствување.

    Миле Јованов

    – Успехот што го постигнаа девојките во силната конкуренција е доказ за талентот во Македонија и нашата посветеност како професори и како Здружение да го развиваме тој талент. Софија е пример за целата класа ученици кои ни заминуваат од Македонија како резултат на миграцијата. За жал, годинава наместо да имаме подобрување во однос на поддршката на натпреварувачите од страна на државата, дури и онаа мала поддршка која тие ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт е укината. Да не се нашите пријатели ФИНКИ, и неколку општествено-одговорни компании како Сорсикс, Нетцетерa, Фјуриос авокадо, кои може да се избројат на една рака, ние нема да можеме да ги спроведуваме нашите активности. Апелирам за сериозност на државните институции и поддршка на активностите кои ги прави нашето здружение и останатите научни здруженија кои со години волонтерски работат. Да не дозволиме и понатаму нашите најдобри умови да си одат од државата заради чувство на незадоволство од институциите – вели Јованов.

    Ученичките во макеоднскиот тиум беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од ЗИМ, а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Ако се вклучат и овие два медала, македонските ученички на досегашните четири изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата.

    Европската олимпијада по информатика за девојки е релативно нов натпревар, наменет само за средношколки заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на олимпијадата е да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво.

    – Оваа олимпијада игра клучна улога во охрабрувањето на повеќе девојки да изберат кариери во компјутерските науки и сродните области, каде жените често се недоволно застапени. Во пријатна и натпреварувачка средина, ЕОИД ги инспирира и им овозможи на девојките да се истакнат во полето на информатиката – вели Јованов.

    Форматот на натпреварување е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) која во септември ќе се одржи во Египет. Учесничките вообичаено треба да решат низа алгоритамски и проблемски задачи во зададен временски период. Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми.

    – Натпреварот не само што ги поттикнува техничките вештини, туку и го охрабрува тимскиот дух, критичкото размислување и креативноста – објаснува Јованов.

    Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Гпдинава учествуваа вкупно 130 средношколки од 37 европски земји, а како претставници на земји-гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 65 ученички од 19 земји надвор од Европа (како Австралија, САД, Египет, Сингапур, Саудиска Арабија и др.).

    ЕОИД 2025 ќе се одржи идната година, во Германија. Следен настан што им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кишињев, Молдавија, кон крајот на август

    The post Два бронзени медала за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки. Освоивме уште еден, ама за Хрватска first appeared on УМНО.МК.

    Exit mobile version