Во Македонија има многу деца со истражувачки дух и интерес за наука

    Третата научна конференција за деца под мотото „Надгради ја твојата реалност“ вечерва и утре ќе се одржи во училиштето НОВА во Скопје

    Децата во Македонија добиваат солидна теоретска основа во образованието, но често недостасуваат интерактивни методи и практични вежби кои ќе го задржат нивниот интерес и ќе ги поттикнат на истражување и креативно размислување. Без овие практични искуства, научните концепти понекогаш изгледаат апстрактни и тешки за сфаќање, вели Драгана Стикова, директорка на Фондацијата „Кантарот“, која на неформален начин во последните години е прилично вклучена во основното образование во Македонија.

    Драгана Стикова

    „Кантарот“ е базата на платформата „Наука за деца“ (НЗД) која веќе неколку години е присутна во тој неформален образовен простор во Македонија. Годинава ја организираат третата научна конференција за деца, која под мотото „Надгради ја твојата реалност“ вечерва и утре ќе се одржи во училиштето НОВА во Скопје.

    „Надгради ја твојата реалност“. Што ве поттикна ова да биде тема третата конференција „Наука за деца“?

    – На првата НЗД конференција правевме холограми, на втората оптички илузии, па нормално ни дојде третата конференција да биде за виртуелна реалност (VR). Со VR сакавме да ги инспирираме децата да видат како технологијата може да се користи не само за забава, туку и за едукација, решавање проблеми, па дури и за креативност. Од друга страна, темата ни се доближи и преку Францускиот институт, затоа што таму има голем интерес за виртуелна реалност, па решивме на Третата НЗД конференција да организираме заеднички активности. Објавивме конкурс за плакати на тема „Parlez-vous fran-sci?“, а Францускиот институт организира и две работилници со виртуелна реалност во саботниот дел за деца.

    Лани воведовте награда за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, годинава награда за најдобар научен презентер „Колега Стиков“. Каква промена направија овие новини во интересот кај младите и во самиот раст на конференцијата?

    – Секоја наредна конференција се трудиме да бидеме сè поамбициозни и покреативни во активностите што ги нудиме, како и во натпреварите и конкурсите што ги организираме. Да, на минатата конференцијата ја востановивме наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, и тоа веќе ја издигна втората конференција на повисоко скалило од првата. Овие награди се моќни мотиватори и ги охрабруваат младите да се интересираат за наука и активно да се вклучат во научни проекти. Наградите ги гледаме како „ветерот во грб“ што им треба на децата за да излезат од својата комфор зона и да создадат нешто оригинално.

    Годинава продолжуваме понатаму со збогатување на активностите, па востановивме и нова награда. Овојпат сакавме да ги споиме науката и новинарството, па востановивме награда за најдобар млад презентер „Колега Стиков“. Им понудивме на децата да се пробаат во едно ново поле, научно новинарство, сè со цел да развијат критички вештини за јавно говорење, научно размислување и техники за презентација. Сите овие дополнувања на активностите за време на конференциите поттикнуваат поактивно учество и мотивација кај децата, а истовремено помагаат конференцијата да се стекне со престиж и популарност.

    Добитниците на „Иван Ќостаров“ цела измината година работеа со ментори, извонредни научници од Македонија што (претежно) работат на странски универзитети. Идејата е одлична, раскажете ни како поминаа средбите и што значат овие контакти, воведи во науката за младите таленти?

    – Со гордост можам да кажам дека менторирањето на финалистите од наградата „Иван Ќостаров“ е многу успешно и претставува важен чекор во поддршката на младите таленти во Македонија. Петтемина финалисти повеќе од пола година работеа со ментори — извонредни научници, родум од Македонија, кои работат на реномирани странски универзитети.

    Децата подготвија феноменални презентации, секој во својата област на интерес, и на отворањето на Третата НЗД конференција ќе се претстават со сработеното пред поширока публика. Идејата ни беше со менторирањето да им отвориме пат на младите умови, да ги охрабриме и мотивираме да продолжат со научна работа и да се стремат кон повисоки цели. Предавањата ќе може да ги следи и пошироката јавност преку нашата Фејсбук страница.

    Фондацијата „Кантарот“ преку платформата „Наука за деца“ редовно прави предизвици, конкурси за деца во текот на годината. Најдобрите добиваат награди. Колку ова ги мотивира младите да се свртат кон науката и потемелно да се посветат на некоја тема?

    – Да, преку „Наука за деца“ се трудиме да ги ангажираме децата преку целата година. Смислуваме различни конкурси и предизвици, и секојпат гледаме тоа да биде нешто интересно, нешто различно, нешто што би можело да го привлече нивното внимание и да ги втурне во непознати води. До сега имаме одличен одзив. Наспроти верувањето дека образованието во Македонија е слабо, ние гледаме дека во Македонија има многу деца со истражувачки дух и интерес за наука. На секој од предизвиците имаме многу учесници, и од поднесеното се гледа дека децата се доста внесени во проектите, размислуваат, истражуваат, понекогаш внесуваат и хумор, па на смешен начин ни ги пренесуваат научните концепти.

    Обично не поставуваме строги граници за тоа каков треба да биде финалниот производ, затоа што сакаме нивната креативност да дојде до израз, да се чувствуваат слободни да го произведат тоа што си замислиле. Секако дека кон мотивацијата да се учествува на овие предизвици придонесуваат и наградите, ама сепак сакам да мислам дека главната мотивација се нашите идеи и пакувањето во кое им ги пласираме на децата.

    Какво е досегашното искуство со работилниците и презентациите во основните училишта низ Македонија? И како овој модел да стане дел од задолжителното образование?

    – Сега за сега, училиштата секогаш нè пречекуваат со раширени раце. Има многу наставници кои со ентузијазам ги вклучуваат децата во нашите активности, отворени се за соработка, ги организираат и мотивираат учениците. Наставниците и учениците се често ограничени со недостаток на практична опрема, како лаборатории и современи наставни помагала. Без овие алатки, научната настава останува претежно теоретска, што го намалува интересот и интеракцијата на учениците.

    Тука НЗД влегува во игра и преку креативни и интерактивни работилници пробува да им ја доближи науката на децата. А кога науката е презентирана преку експерименти и практични демонстрации, учењето станува подинамично и поинтересно, и наеднаш науката не е веќе толку страшна. Ние, сега за сега, се гледаме како помош на задолжителното образование …

    Веќе може да направите еден пресек на желбата на децата да учат за наука. Какви се учениците во Македонија. Имаат ли „кликер“ за наука?

    – „Кликер“ кај децата има, ама мислам дека прашањето е дали има „кликер“ кај возрасните за тоа што им треба на децата со „кликер“? Сметам дека децата во Македонија добиваат солидна теоретска основа, но често недостасуваат интерактивни методи и практични вежби кои ќе го задржат нивниот интерес и ќе ги поттикнат на истражување и креативно размислување. Без овие практични искуства, научните концепти понекогаш изгледаат апстрактни и тешки за сфаќање.

    Исто така мислам дека децата треба од мали нозе да се учат да се изразат, да направат квалитетна презентација и да се претстават во најдобро можно светло. Важно е „кликерот“ за наука да биде примамлив за другите, било да се тоа врсниците, медиумите, или престижните универзитети. Не е доволно само да имаш „кликер“, туку „кликерот“ треба да биде и убаво спакуван.

    The post Во Македонија има многу деца со истражувачки дух и интерес за наука first appeared on УМНО.МК.

    Exit mobile version