Јан Стојановски, за прв пат на Македонија ù донесе сребрен медал од оваа олимпијада, само една недела по освојувањето на златниот медал на 8. Европска oлимпијада по физика
Сребрен медал и два бронзени медали и една пофалница освоија нашите средношколци што ја претставуваа Македонија на престижната 54. Меѓународна олимпијада по физика, што денеска завршува во Исфахан, Иран. Јан Стојановски, ученик во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје за прв пат на Македонија ù донесе сребрен медал од оваа олимпијада, само една недела по освојувањето на златниот медал на 8. Европска oлимпијада по физика.
Од Друштвото на физичарите објаснуваат дека ова е најголемиот успех од почетокот на учеството на учениците од Македонија на оваа олимпијада во 1996 година.
Со бронзени медали се закитија Емилија Николовска, ученичка во четврта година во Математичко – информатичка гимназија – Скопје и Андреј Стојановски, ученик во трета година во „Јахја Кемал“- Скопје.
Награда за успешно учество освои Матеа Митревска, ученичка во трета година во „Јахја Кемал“ – Скопје. На олимпијадата успешно учество имаше и Дамјан Стојанов, ученик во трета година во „Јахја Кемал“- Скопје.
Водачи на тимот беа: проф. д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на ПМФ во Скопје и претседател на ДФРМ и Војо Митревски апсолвент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје и поранешен олимпиец.
На Олимпијадата во Иран учествуваа 197 ученици од 46 држави. ДФРМ за македонските олимпијци организираше четири неделни подготовки кои се одржаа во периодот јуни – јули 2024 година на Институтот за физика при Природно – математичкиот факултет во Скопје.
ДФРМ упатува најискрени честитки за целата македонска екипа на оваа олимпијада.
– Цврсто веруваме дека успесите од оваа олимпијада, како и успесите кои оваа година нашите таленти ги имаа на 8. Европската олимпијада по физика и 6. Балканска олимпијада по физика, се успеси со кои Македонија треба да се гордее. На сите наши олимпијци им посакуваме уште многу академски достигнувања и успеси насекаде по светот! Радувај се Македонијо! – велат од ДФРМ.
Тие јавно се заблагодарија на нашиот портал umno.mk за одвоеното време и простор за поддршка на нашите олимпијци и промоција на нивнот талент и единственост.
Голема благодарност упатуваат и до водачите тимот за одвоеното време, како во текот на подготовките, така и за време на одржувањето на Олимпијадата, како и на проф. д-р Ирина Петреска, асс. м-р Христијан Кочанковски, дипл. инж. Гоце Геговски, проф. д-р Трифче Сандев и проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така посветиле огромен дел од своето слободно време за успешна подготовка на тимот.
– ДФРМ му се заблагодарува на Институтот за физика и на ПМФ за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето на простор и опрема за време на подготовките на тимот. Исто така се заблагодаруваме на родителите на учениците, кои го презедоа најголемиот дел од финанскиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада. Останатите средства за ова патување беа делумно обезбедени од страна на ДФРМ, а делумно од нашите поддржувачи и пријатели – донатори на кои најтопло им се заблагодаруваме – велат од ДФРМ.
The post Tри медали за Македонија на Светската олимпијада по физика во Иран! Наш најдобар резултат во 28 години! first appeared on УМНО.МК.