Вечерва, со почеток во 20:00 часот, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” во Велес ќе се одржи авторски концерт на македонскиот композитор и диригент Владимир Николов. На концертот ќе бидат изведени одбрани композиции од неговиот богат творечки опус, меѓу нив и неколку светски и македонски премиери. Ова е воедно и негов прв целовечерен авторски концерт со Националниот Џез Оркестар.
Владимир Николов е композитор чие творештво опфаќа широк спектар на изразни средства и жанрови, користејќи ги искуствата во класичната музика и џезот како појдовна точка. Веќе подолго време е “зад сцената” во улога на аранжер во светски оркестарски проекти, но често настапува и како диригент со реномирани солисти и ансамбли. Како редовен аранжер на еден од најдобрите ревиски оркестри во светот – Метропол Оркестра, соработувал со врвни имиња како Џон Клејтон, Ренди Брекер, Винс Мендоза, Џулс Бакли и Џејкоб Колиер. Како автор и бенд лидер има издадено три студиски албуми со ансамблот Николов-Ивановиќ Ундектет. Угледниот магазин JazzTimes овој ансамбл го оценува како „извонреден, еден од моментално најкреативните големи џез ансамбли во Европа”, а Downbeat музиката на овој ансамбл ја оценува како „ритмички сложенa, хармонски евокативнa, беспрекорно аранжиранa”.
Овие квалитети прострујуваат и во неговата музика за биг-бенд оркестар која соединува различни стилови во еден органски сублимат. За своите композиции и аранжмани за биг-бенд е добитник на бројни награди и признанија. Авторскиот концерт насловен „Crossover Stories” вклучува композиции од различни периоди во минатите 22 години авторска дејност.
Не пропуштајте ја можноста да бидете дел од оваа специјална вечер!
The post Авторски концерт на Владимир Николов и Националниот Џез Оркестар во Велес appeared first on ekran.