Петмина научници и една режисерка ја добија наградата за најдобри научници и уметник на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје УКИМ за 2023 година. Осуммина доктори на науки добија плакети како признание за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализацијата и афирмацијата на Универзитетот, за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови афилирани на Универзитетот и индексирани во базата Web of Science.
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова вчера им честита на наградените, потенцирајќи дека науката, технологијата и иновацијата се од суштинско значење за поттикнување на економскиот, социјалниот и еколошкиот развој, трите столба на одржливиот развој.
Наградата за најдобри научници и уметник на УКИМ за 2023 година ја добија:
– д-р Даниел Велинов, редовен професор на Градежниот факултет во Скопје за најдобар научник во подрачјето на природно-математички науки;
– д-р Димитар Трајанов, редовен професор на ФИНКИ за најдобар научник во подрачјето на техничко-технолошките науки;
– д-р Андреј Николовски, доцент на Медицинскиот факултет во Скопје за најдобар научник во подрачјето на медицинските науки;
– д-р Александар Узунов, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје за најдобар научник во подрачјето на ветеринарни и земјоделски науки;
– д-р Александар Стојков, редовен професор на Правниот факултет во Скопје за најдобар научник во подрачјето на општествени науки;
– м-р Зоја Бузалковска, редовен професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје за најдобар уметник.
Плакетите беа доделени на академик и проф. д-р Валентин Мирчески, проф. д-р Љупчо Пејов, , проф. д-р Петре Макрески и проф. д-р Златко Левков, редовни професори на Природно-математичкиот факултет, академик и проф. д-р Сашко Кедев, редовен професор на Медицинскиот факултет, проф. д-р Владимир Трајковиќ и проф. д-р Ефтим Здравевски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и проф. д-р Христијан Ѓорески од Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во посебен контекст, плакетата на проф. д-р Мирчески, опфаќа и второ остварување – за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Stanford University World’s Top 2% Scientists за целокупната кариера.
The post УКИМ ги прогласи најдобрите научници за 2023 година first appeared on УМНО.МК.