back to top
2.8 C
Skopje
11.01.2025
Google search engine
домаКако раното х...

Како раното христијанство го сменило културниот пејзаж на Македонија

Комбинирајќи археолошка методологија со историски анализи и компаративни студии, д-р Ирена Теодора Васевска одговара на многу прашања во монографијата „Од А до Ω: Раното христијанство во Македонија“

Како раното христијанство влијаело врз трансформациите на општеството и културата на овој простор, со каков интензитет христијанството се распространило на овие простори и колку долготрајно влијание оставило врз културниот пејзаж на Македонија? Комбинирајќи археолошка методологија со историски анализи и компаративни студии д-р Ирена Теодора-Васевска одговара на многу прашања во монографијата „Од А до Ω: Раното христијанство во Македонија“. Васевска е професор на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и во монографијата опфаќа интересни историско-социолошки, пред сè културолошки аспекти што се случиле на територијата на денешна Македонија и во регионот.

Ирена Теодора-Васевска

Неодамна во Скопје се одржа промоцијата на монографијата „Од А до Ω: Раното христијанство во Македонија“. Како тргна идејата за едно вакво издание?

– Идејата за монографија на оваа тема почна како никулец низ мојата дипломска работа, за да преку магистерскиот и докторскиот труд, и сè подлабокото нуркање во сферите на раното христијанство, конечно се искристализира во форма на ваква монографија. И покрај одредените предизвици за самостојно издавање во ваков формат, сметам дека во ера на масовна дигитализација, одлуката за печатено издание е еден вид триумф за сите што го претпочитаат шушкањето на хартијата под прстите, како и самиот ритуал на читање печатена книга.

Трудот е резултат на долгогодишно истражување. Во монографијата опфаќате делови од доцната антика и ранохристијанството, средината на првиот милениум, период со исклучително различни и комплексни историско-географски околности. По што се водевте конципирајќи ја монографијата?

– Конципирањето на монографијата беше предизвик затоа што се работи за период со многу комплексни историски и географски околности. Се водев од желбата да создадам труд што не само што ќе ги прикаже археолошките наоди, туку и ќе ги контекстуализира во пошироката историска рамка. Главен мотив ми беше да покажам како раното христијанство влијаело врз трансформациите на општеството и културата на овој простор.

Монографијата се базира на внимателен избор на примарни извори, како што се археолошките артефакти, архитектонските структури, но и епиграфските докази, кои ми помогнаа да го реконструирам животот во доцната антика. Притоа, се обидов да ги истражам не само религиозните, туку и социјалните и политичките аспекти на овој период. Се потпрев на интердисциплинарен пристап, комбинирајќи археолошка методологија со историски анализи и компаративни студии, за да го осветлам начинот на кој христијанството се интегрирало во локалниот контекст и влијаело на идниот развој на регионот.

Монографијата нуди нови сознанија за раното христијанство и културната историја на Македонија. Што Вам како научник Ви беше најголемо изненадување?

– Најголемо изненадување за мене беше тоа колку брзо и со каков интензитет христијанството се распространило на овие простори, но и колку долготрајно влијание оставило врз културниот пејзаж на Македонија. Откритието на неколку досега непознати ранохристијански базилики, како и нивната монументална архитектура, беше неверојатен показател за важноста на овие центри во формирањето на верскиот и општествениот живот во овој период. Дополнително, ме изненадија и промените во уметничките изрази кои покажуваат спој на христијанската и локалната културна традиција.

Ова укажува на тоа дека трансформацијата кон христијанството не била нагла, туку постепена и исполнета со елементи од претходните верски и културни системи. Еден од клучните моменти што ме фасцинираше е и улогата на жените во овој период, што беше помалку проучено до сега. Археолошките податоци откриваат дека жените имале поголема улога во религиозниот и општествениот живот од она што претходно се мислеше.

Опишете ни накусо во какви политички услови живееле луѓето на територија на нашата денешна држава во тој период?

– Луѓето на овие простори во доцната антика живееле во време на големи политички промени и нестабилност. Со поделбата на Римската Империја на Источна и Западна, оваа територија, која била дел од источниот дел на империјата, била изложена на постојани воени закани од надворешни народи, како Готите и Хуните. Овие инвазии создале атмосфера на неизвесност и потреба за нови политички и социјални структури. Во исто време, Источната империја воспоставила силен централен авторитет кој се обидувал да ја задржи контролата врз териториите преку административни и воени мерки. Ова довело до интензивна урбанизација во некои региони, особено околу утврдените градови, каде што жителите барале заштита од надворешни напади.

Христијанството, кое станало официјална религија на Империјата, одиграло клучна улога во стабилизирањето на општеството, не само преку религиозниот живот, туку и преку новата црковна структура која ја поддржувала империјалната власт. Властите често ја користеле религијата како средство за зајакнување на својата позиција, додека народот барал утеха и сигурност во новите религиски идеи.

Интересни времиња од секој аспект, особено во поглед на религија која пак игра клучна улога во сè што ќе се случува понатаму. Со што се соочиле луѓето кога дошло време да се напушти политеизмот и да се прифати новата религија – христијанството? Имало ли отпор, колку време било потребно за да се прифати монотеизмот?

– Соочувањето со преминот од политеизам кон христијанството било комплексно и бавно. На почетокот, луѓето кои го прифаќале христијанството често се соочувале со силен отпор од заедницата и властите, бидејќи политеизмот бил длабоко вкоренет во секојдневниот живот, религиозните обичаи и социјалната структура. Многумина одбивале да ги напуштат традиционалните култови и верувања, особено владетелите, почнувајќи од Нерон сè до Константин Први, што резултирало со конфликти и прогонства.

Иако христијанството било легализирано со Миланскиот едикт во 313 година, потребни биле неколку векови за монотеизмот целосно да се утврди како доминантна религија. Отпорот бил особено силен во руралните области, каде што старите култови биле посилно вкоренети. Монотеизмот на крајот бил прифатен со поддршка на државата и христијанските императори, но процесот на конверзија бил постепен и често придружен со синкретизам – комбинирање на старите и новите религиозни елементи.

Со каков интензитет се граделе ранохристијанските базилики, каде биле најмногу концентрирани, колку империјата (државата) вложувала во нив и зошто? Колку овој концепт бил поддршка, поткрепа на владетелите?

– Градењето на ранохристијанските базилики се одвивало со зголемен интензитет особено во 5 и 6 век, откако христијанството станало официјална религија на Римската империја. Овие базилики биле концентрирани во градовите, кои биле центри на политички и верски живот. Главните градови и епископски центри како Скупи, Стоби, Лихнид, Хераклеја, имале значајни црковни објекти, кои служеле не само за религиозни обреди, туку и за консолидација на христијанската заедница. Државата, особено за време на владеењето на императорите како Константин Велики и Јустинијан Први, вложувала значителни ресурси во изградбата на цркви. Оваа поддршка била и политичка стратегија за зацврстување на моќта на императорите, бидејќи со поддршка на христијанската религија, тие ја добивале и поддршката од верниците. Базиликите не биле само места за богослужба, туку и симболи на новата религиозна и политичка моќ.

Колку овој период се допира со големите преселби и влегувањето на Словените на овие територии? И што ново носат тие со себе?

– Периодот од 4 до 6 век бил одбележан со интензивни движења на различни народи, поттикнати од притисоците на Хуните, кои ги туркале германските племиња кон границите на Римската империја, што резултирало со сериозни промени во политичката и етничката структура на Империјата. Овие движења довеле до ослабување на римската власт и создавање на простор за мигрирање на нови народи, вклучувајќи ги и Словените. Нивното пристигнување било придружено со нови социјални, економски и културни структури. Словените, кога првично се населиле на Балканот, донеле свој специфичен начин на живот, кој бил повеќе рурален отколку урбан. Нивниот начин на организирање на заедницата бил базиран на мали населби, распределени низ руралните предели, наместо на големи урбани центри.

Ова резултирало со намалување на значењето на големите градови и постепено деурбанизирање на регионите кои некогаш биле економски и културни центри. Деурбанизацијата не само што го намалила значењето на градовите, туку имала и долгорочни последици врз економијата и културниот живот на регионот. Многу базилики и други јавни објекти биле напуштени или се користеле за други цели. Но, религиозниот континуитет на црковните градби, иако прекинат, во најголем број случаи, продолжува со христијанизацијата на словенското население, и станува темелник на средновековната еволуција на градските и црковните седишта.

Во книгата опфаќате еден интересен дел кој се однесува на жените. Како живееле жените во доцаната антика и во ранохристијанскиот период и може ли да направите една споредба помеѓу животот на високите класи со животот на обичната жена?

– Жените во доцната антика и ранохристијанскиот период имале различни улоги и статус во зависност од нивната социјална класа. Жените од високите класи уживале поголеми привилегии, често имале пристап до образование, можности за влијание во општествениот живот и биле дел од елитата која имала значителна улога во политичките и религиозните процеси. Тие често биле заштитнички на христијанските заедници и имале големо влијание во изградбата на базилики и поддршката на новата религија. Такви се матроната и ѓаконисите од Стоби и Лихнид, посведочени на дедикаторски мозаици во Епископската базилика во Стоби и Јужната базилика на Плаошник.

Од друга страна, обичните жени, кои припаѓале на пониските социјални слоеви, имале многу потешки услови за живот. Тие главно биле ангажирани во домашни обврски и земјоделство, со многу малку можности за образование или социјално издигнување. Нивниот живот бил ограничен на локалните заедници, и тие немале исто ниво на слобода или влијание како жените од повисоките класи. Христијанството донело одредена промена во поглед на положбата на жените, бидејќи новата религија истакнувала еднаквост во духовен контекст, иако практично, овие разлики во социјалната структура сè уште биле многу видливи.

Каква е состојбата со научната литература во Македонија и колку вакви изданија може да послужат на студентите по археологија и на сите што се занимаваат со оваа наука?

– Иако има одреден број значајни публикации, потребата за нови истражувања и изданија останува голема. Ваквите изданија, како што е монографијата „Од А до Ω: Раното христијанство во Македонија“, играат клучна улога во образованието на студентите по археологија, но и сите оние кои на некаков начин се занимаваат со темава. Тие обезбедуваат не само нови сознанија и интерпретации за минатото, туку и материјали кои можат да служат како основа за понатамошни истражувања. Монографиите од ваков тип ги пополнуваат празнините во научната литература, особено кога се фокусираат на специфични периоди или теми кои претходно не биле детално обработени, или не биле сублимирани на едно место. Тие се од голема важност за студентите, научниците и истражувачите, бидејќи нудат нови перспективи и помагаат во проширување на научното знаење за културната и религиозната историја на Македонија. Нека бидат поттик за нова плејада истражувачи кои ќе ги надградат, надополнат, па и коригираат хипотезите и теориите што досега се презентирани.

The post Како раното христијанство го сменило културниот пејзаж на Македонија first appeared on УМНО.МК.

Поврзани статии
- Advertisment -
Google search engine

Неодамнешни коментари