Не може преку ноќ да се промени еден систем што е граден со децении и за да се случи тоа потребно е да се реализираат стратешките цели на државата, изјави премиерот Христијан Мицкоски, во однос на тоа како може Владата да помогне Македонија да направи диверзификација на извозот.
-Прво вие не можете преку ноќ да промените еден систем којшто е граден со децении и немате магично стапче да речете од утре сега веќе нема да се потпираме само на една опција, имаме неколку опции. Треба време. За да се случи тоа потребно е стратешките цели на државата да ги реализираме. Јас секогаш за тоа зборувам, еве ја користам и оваа можност сега да потенцирам дека мојот сон, бидејќи сме земја којашто не излегува за жал на море, и овој недостаток треба да го претвориме во наша предност. Која е нашата предност? Ние сме природна раскрсница на два многу значајни европски коридори, тоа се Коридорот 8 и 10. На тој начин кога ќе го заокружиме овој процес, ние ќе бидеме раскрсница и на транспортниот и на железничкиот и на енергетскиот, би рекол, и на енергетската раскрсница во овој дел на Европа. И тоа е она коешто на нас треба да ни даде геостратешка предност за да можеме како држава најпрвин да бидеме во зеницата, во радарот на големите инвеститори и на големите земји“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој рече дека многу внимателно пристапувале и го планирале трошењето на средствата од буџетот, но и оние кои ги позајмуваат
-Тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка туку во инвестиции. И затоа рековме од оние половина милијарда евра пари, коишто веќе се легнати на сметката на Народната банка, половина ќе бидат за компаниите, односно кредити за компаниите и веќе сме во преговори со банките како овој процес ќе функционира во пракса за да останат истите услови, рече Мицкоски