„Баленижаните се смирени луѓе, исклучително љубезни и средечни и кај нив нема шанси да видите нервоза или да подигнат глас. Без разлика во што се облечени, саронг или фармерки, без разлика колку имаат пари или имот, тие во својот став се горди, задоволни и исполнети така што се чувствувате понекогаш мали и недораснати во однос на нив. Ако успеете да го видите Бали со нивните очи и срце, ќе го засакате засекогаш како нешто посебно и волшебно. А е волшебно и поради преубавата природа која е речиси негибната и поради луѓето и нивната љубов кон островот и кон сè на него…“, вели, меѓу другото, во својата репортажа за весникот ВЕЧЕР, Давидовиќ
Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ
Животот е патување, патување низ времето, патување кое има свој почеток и крај, патување кое е уникатно, единствено и неповторливо. Ова патување наречено живот не може да се повтори, не можеш да го запреш, не можеш по истиот пат да се вратиш назад, ниту можеш да го прескокнеш патот пред тебе, ниту можеш да одиш прекутрупа, ниту ја знаеш крајната точка и целта до која ќе стигнеш. Во текот на ова патување наречено живот, патеките и патиштата на другите луѓе и нивните животни патувања се испреплетуваат, спојуваат, раздвојуваат, се разминуваат или патуваат понекогаш некое време заедно со тебе. Секое патување, па и самиот живот како патување почнува со првиот чекор, а секој нареден чекор води кон нешто или кон некого. Секоја избрана раскрсница, секој нов пат кој си го избрал на твоето патување стануваат дел од твојата судбина, дел од тебе, дел од твоите спомени, сеќавања, размислувања. Во својот живот, кој веќе го поминал својот зенит, сум поминал многу патишта, раскрсници, со немирен дух каков што имам честопати сум ја предизвикувал судбината, сум се надмудрувал со неа, сум се тркал, сум се тркал со времето и сум се залажувал дека сум го победил, дека сум го претркал, но каква заблуда, какво самозалажување, за времето јас, како и сите ние, сме само миг, минливост, честичка, само краток блесок во бесконечноста…
Додека го пишувам ова летам за Сингапур од каде што и започнува моето патување низ Бали и Куала Лумпур, односно низ Индонезија и Малезија. И овој пат, како и најчесто досега, патувам во организација на Jungle travel Македонија за кои можам да кажам само пофални зборови и да им честитам за добро осмислените патувања. Сум бил на многу места на Земјината топка, сум се тркал со стада зебри и гнуа, сум бил толку блиску до леопард да сум го слушал како дише, сум гледал гепард како трча, лав како се буди, слонови како се бањаат, сум пливал со ајкули, ражи и манти, сум нуркал во тиркизните води на Сардинија и Кипар, сум спиел во село на Масаите, сум бил во земуниците на Чага племето на Килиманџаро, сум се поклонил пред Кристо Редентор на Корковадо над Рио и пред Христовиот гроб во Ерусалим, сум се крстел во водите на Јордан, сум бил заслепен од убавината на пирамидите во Гиза, Карнак и долината на Кралевите, сум ги слушал песните на ноќната Хавана, шумолењето на пампасите, звуците на саваната… Премногу сум видел за да ме обземе еуфорија или грозница за ова патување, едноставно не очекувам ниту се надевам и оставам на деновите кои се пред мене и случувањата да ми донесат доживувања и впечатоци со кои се вратам и кои ќе станат дел од мојата душа и сеќавање. Едноставно им се препуштам на случувањата онака како следуваат без предрасуди и без очекувања.
Сингапур – светски водач во неколку области
Уште првиот контакт со овој дел на Азија, со Сингапур ги поместува границите на сфаќањата за чистота, среденост и зеленило. Со население од околу 4,5 милиони жители овој град е толку чист да е тоа невозможно да се опише, а само како податок кој многу зборува за чистотата, е фактот што тие дождовницата која ја собираат преку канали кои се низ целиот град, ја користат како вода за пиење. Сингапур е еден од петте азиски тигри и со БДП од 51.000 долари по глава на жител е исклучително богат и високоразвиен, па овде велат дека е веќе во 2050 година. Сингапур е островска земја составена од 63 острови, одвоен од Малезија со теснината Јохор на север, а од Индонезија преку Риаоу островите на југ. Високоурбанизиран, но речиси половина од земјата е покриена со зеленило, а најголем дел од копното е создадено преку мелиорација. Сингапур е светски водач во неколку области, четврт е водечки светски финансиски центар, втор најголем во светот како пазарот за коцкање, а трета по големина во светот како нафтен рафинирачки центар. Пристаништето во Сингапур е едно од петте најпрометните пристаништа во светот, најпознати по тоа што е најпрометно претоварно пристаниште во светот. Земјата е дом на повеќе милионери по глава на жител од која било друга земја. Населението е хетерогено кинези, Христијани, тамили, Индуси и сите тие живеат во мир, слога и хармонија со големо меѓусебно уважување. Само како мал пример Хиндусите ги впишуваат своите деца во кинеските училишта заради математиката. Овде важат строги закони кои, за разлика од нас, се применуваат немилосрдно, целосно и кон секого.
Нема посебно да ги опишувам Marina bay, Esplanade – Theatres on the Bay, бавчите во заливот, мала Индија или Кинескиот кварт затоа што тоа мора самиот да го видиш и доживееш. Како посебна атракција се сметаат разиграните дрва, најблизок опис се дрвјата од филмот Аватар кои пулсираат, светат и како да играат на музиката која одекнува во Марина заливот секој ден во 20 часот. Нема повеќе да се задржувам на Сингапур , заради ограничениот простор, но и заради Бали, кој е всушност моја главна цел на ова патување.
Бали – остров на Боговите
Првиот допир со Бали на секој странец кој бил овде е климата и сообраќајот. На Бали е топло, но влажноста на воздухот е толку висока при што постојано тече пот од тебе. Сообраќајот е толку густ да е понекогаш потребно повеќе од еден час за да поминете осум километри. Ако згора на тоа додадете дека таму возат обратно од нас, како Англичаните, хаосот во сообраќајот е страшен, но само за нас странците. Тие меѓусебно се разбираат со свирка, светла и нема ниту една сообраќајка, освен ако некој странец, кој изнајмил моторче не се снајде во тој хаос и не се залепи некаде. По неколку дена и самиот се привикнуваш на тој контролиран хаос, сфаќаш дека нема нервоза, нема пцости, нема ретардирани клинци кои возат како камикази. Токму тоа е и основната карактерна црта на овие луѓе, смиреноста, трпеливоста и исклучителната почит кон секого и се. Бали е наречен Остров на Боговите, но јас би го нарекол острово на вистинските луѓе, луѓето во вистинската смисла на зборот. Овие луѓе го живеат своето верување, тие живеат според своето верување и своите традиции. И покрај огромниот број на странци не се смениле. Некои работи за нас се просто незамисливи, но едно сигурно знам дека никој кој дошол со отворено срце и душа на Бали не се вратил ист дома, Бали те менува на подобро.
Баленижаните се смирени луѓе, исклучително љубезни и срдечни и кај нив нема шанси да видите нервоза или да подигнат глас. Без разлика во што се облечени, саронг или фармерки, без разлика колку имаат пари или имот тие во својот став се горди, задоволни и исполнети така да се чувствувате понекогаш мали и недораснати во однос на нив. Ако успеете да го видите Бали со нивните очи и срце, ова мало парче земја на која се најголем број од хинду религија и покрај огромниот број на муслиманско население кое ги опкружува во Индонезија, ќе го засакате засекогаш како нешто посебно и волшебно. А е волшебно и поради преубавата природа која е речиси негибната и поради луѓето и нивната љубов кон островот и кон сè на него. Имав привилегија да го доживеам Бали и да го видам и почуствувам низ очите и чувствата на Санди, нашиот локален водич и Јелена, нашиот водич од Jungle travel, млада девојка но со исклучително добро познавање на културата, религијата и сите знаменитости на овие краишта.
Секоја куќа има свој храм
На Бали има околу 20.000 храмови, а тоа е затоа што секоја куќа има свој храм, секое село и град свој храм. Без оглед на имотната состојба, секој тамошен жител има свој домашен храм во кој се моли наутро, на ручек и навечер. Тие градбата на храм ја чувствуваат не само како обврска туку и како должност. Интересно е нивното верување во многу богови од кој секој има свое значење и улога, а врховниот бог е Брама – створител, Кришна – обединител и Шива- разорител. Длабоко веруваат, за разлика од другите религии дека доброто не го победува лошото, туку дека се тие во рамнотежа па за да ги умилостиват боговите секое утро ставаат пред куќата или својата продавница понада за боговите која се состои од плетена мала корпа од лисја со оризова трева во средина и цвеќе или бонбони во разни бои. И така секое утро 365 дена во годината. Замислете ние да требаше да изградиме храм и секое утро да правиме понада за боговите, би нашле милион изговори и причини да не го направиме тоа. Нивното верување, нивниот начин на живот имавме можност да ги видиме со посета на куќа на едно семејство кое живее на ист начин како што живееле нашите предци на село пред две, три генерации. Интересно е што на секоја куќа на влезот има табла на која стои адреса, име на сопственикот и број на женски и машки возрасни лица кои живеат таму. Дозволено им е склучување на повеќе бракови, но најголемиот дел живее моногамно.
Речиси е невозможно да се опише Бали на неколку страни затоа што секој ден проведен овде е нова авантура, ново откритие. Затоа ќе се задржам само на едно мало делче на доживувањата на овој преубав остров.
Во текот на ова патување го посетивме градот Убуд, мало романтично гратче со душа, Легијан, приморски град комерцијализиран како и секој друг приморски град, Tirta Ganga царската палата која по пожарот кој ја зафатил самите ја обновиле до последен детаљ, плажите Virgin beach, Cristal bay, Melasti плажа, храмовите Goa Gajah или слоновата пештера ,Tanah Lot храм во море, Uluwatu храм, водопадот Canto Lampo, рафтинг долг 9 километри низ река, паркот на птиците и паркот на рептилите, фарма на зачини каде што ги произведуваат сите чаеви и најскапото кафе Kopi Luwak, која го обработува малото животинче циветка, која го јаде и вари во стомакот, исфрлајќи го зрното на кафето, клубовите Kretie на кој се познатите лулашки на кои се сликаат жени облекувајќи долги фустани, Fins club, островот Нуса Пенида и Kieling king плажата која е попозната како t-rex бидејќи наликува на ова животно, паркот Garuda Wishnu Kencana со огромна фигура на богот Вишна, Кечак танцот…
Ќе се задржам на Храмот Басаки или храм на змејот околу кој никнале уште дваесет и седум храма. Мир, спокој и тишина владее на ова свето место кое дише со традицијата и верувањето на овие луѓе. Се качуваш по безброј скали одејќи кон храмот Бесаки, а околу тебе бескрајна низа на храмови во сите големини и облици со задолжителните кули со 7 или 11 извиткани покриви налик на пагодите. Храмовите се величествени и само го потврдуваат уметничкото и архитектонско умеење и знаење на овие луѓе, а кое е видливо на секој чекор. Свештениците тивко пеат, ѕвончиња ѕвонат, мирис на запалени стапчиња создаваат чувство како да се наоѓаш некаде помеѓу земјата и небото. Се чувствуваш чудно, допрен од нешто што и самиот не можеш да го дефинираш.
Мајмунски работи
На Бали мајмуните ги има речиси секаде, но главно се сконцентрирани во четири шуми и на еден вулкан. Во двете шуми се прилично агресивни и знаат, ако намирисаат храна кај вас, нешто да ви украдат и да ве уценуваат со враќање на предметот сè додека не ви ја земат сета храна, а дури и тогаш може да не ви го вратат предметот. Ние ја посетивме шумата во која мајмуните се многу мирољубиви и ги сакаат луѓето, како ги нарекува Јелена, прави „добрици”.
Само што направивме неколку чекори во шумата не опколија долгопашести макаки мајмуни. Почна чудната и волшебна дружба со нив, почнаа да се качуваат на нас, на раменици, на глава, ни седнуваа во скут. Прави мангупи кои цел час дружеа со нас и кои ги изведуваа своите вратоломии пред нас, на нас, околу нас. Волшебно доживување, волшебна дружба со мајмуни кои се слободни и кои нè примија во својот дом.
Од Бали заминуваме побогати во душата, побогати за едно драгоцено искуство, заминуваме за Малезија и Куала Лумпур, но за тоа во некоја друга репортажа.