Активисти на француската хуманитарна организација „Другата страна на паричката“ велат дека меѓу бездомниците кои се преселени има и баратели на азил, како и семејства и деца кои и онака се во тешка ситуација. На имигрантите, според нивните изјави за „Њујорк тајмс“, им било ветено сместување на други локации, за на крајот да бидат оставени во непознати улици далеку од местото каде што престојувале или биле означени за депортација
Додека милиони уживаат пред екраните или на трибините, следејќи ги збиднувањата на најголемата спортска атракција во светот, илјадници едвај чекаат таа да заврши за да се врата „дома“.
Олимпијадата во Париз им го измести животот на тамошните бездомници, мигранти, наркомани, проститутки… и ја засили нивната безнадежност. Илјадници од нив пред почетокот на Олимписките игри беа набутани во автобуси и преселени, за да се обезбеди убава слика на Градот на Светлината за спортистите и туристите.
Според градските власти пред Олимпијадата во Париз имало без малку 80.000 бездомници. Поголем дел од нив сега се „протерани“ во Марсеј и Лион. Иста судбина ги снајде и големиот број мигранти, проститутките кои даваат услуги по улиците, како и наркоманите кои ги задоволуваат своите потреби на скриените агли на градот. Од овие луѓе, кои според властите го нагрдуваат Париз, исчистена е и неговата поширока околина. Нивната селидба, како што сведочат медиумите, се случила без голема врева. Но, дел од нив сепак успеале да останат во градот во валканите агли на подземната железница или на улиците, пред очите на туристите, кои ги заобиколуваат во широк лак.
Активисти на француската хуманитарна организација „Другата страна на паричката“ велат дека меѓу бездомниците кои се преселени има и баратели на азил, како и семејства и деца кои и онака се во тешка ситуација. Според оваа организација, истата судбина ги снашла и проститутките и зависниците од дрога.
Регионалните центри за нивно сместување, надвор од Париз, се изградени уште минатата година, кога исто така почнала и акцијата за селење. „Другата страна на паричката“ наведува дека уште во април лани 12.545 луѓе се преместени од Париз и од неговата околина поради Олимпијадата. Организацијата забележува дека се потребни најмалку 20.000 домови ширум Франција, вклучително и 7.000 во регионот Ил де Франс, за да се обезбеди долгорочно решение за бездомниците.
На имигрантите, според нивните изјави за Њујорк Тајмс, им било ветено сместување на други локации, за на крајот да бидат оставени во непознати улици далеку од местото каде што престојувале или биле означени за депортација. Таму се и сега и колку што се ближи крајот на Олимписките игри, толку им е поголем стравот дека иднината им е неизвесна.
Францускиот претседател Емануел Макерон вети дека Олимписките игри ќе ја покажат величината на земјата. Многумина денес сметаат дека не го исполнил ветувањето.
-Олимпиското село е изградено во едно од најсиромашните предградија на Париз, илјадници луѓе живеат во улични кампови, засолништа или напуштени згради, пишува Њујорк тајмс.
Таму едно од три лица е мигрант, што е најголем процент во државата. За обнова на тоа место владата потрошила милијарди евра.
Според Кристоф Ноед Ду Пајрат, висок државен службеник во Париз, полицијата и судовите иселиле од околината на градот околу 5.000 луѓе, повеќето самци и ги поттикнале да влезат во автобуси за градови како Лион или Марсеј.
-Иселени сме поради Олимписките игри, рекол Мохамед Ибрахим од Чад, кој претходно живеел во напуштена цементарница близу до олимпиското село.
Јусуф Ахмед од Судан, кој работи на чистење авиони на аеродромот „Шарл де Гол“ вели дека им ветиле сместување и социјална помош.
Пред селењето повеќето од нив не знаеле дека влегуваат во владината програма за преиспитување на можноста за азил, или дека можеби ги чека депортација. Програмата постои со години, но егзодусот довел илјади нови луѓе, од кои многумина немаат право на азил. Процедурата е таква што по доаѓање во новите градови тие живеат во засолништа до три недели и таму се проверува дали има можност за азил. Но, 60 отсто од луѓето во привремените засолништа воопшто не го добиваат.
-Неколкумина добија налози за депортација, што ги наведе адвокатите да ги охрабрат луѓето да стојат подалеку од автобусите и да се обидат да преживеат на улица. Тоа е лоби за депортација, вели Емануел Переира, адвокат кој работи во близина на Париз.
Службениците на владата на Макерон одбиле да ја коментираат оваа ситуација, но рекле дека тоа е доброволна програма наменета за ублажување на недостатокот на сместување во Париз.