back to top
2.8 C
Skopje
11.01.2025
Google search engine

Топлински острови во градовите

Градовите заземаат околу 0,5 проценти од површината на Земјата, но во нив живеат над 50 проценти од светското население. Во светот, особено во земјите во развој, постои тренд на миграција на населението од село во град, a Обединетите нации предвидуваат дека до 2050 година, 68 % од светската популација ќе живее во урбани средини, така што проблемите со топлински острови ќе се зголемуваат во иднина

 

На овие пеколни горештини, седам дома по препорака на лекарите и на моменти си замислувам колку би било добро да сум на некој остров на некое од блиските мориња. А, реалноста е дека јас сум моментално на остров, ама не на море, туку на т.н. топлински остров во Скопје.

Кратка дефиниција на поимот „топлински острови“: тоа се урбани делови во градот во кои температурата на воздухот е 1 до 5 оС повисока од онаа во блиската (рурална) околина. Покрај топлинските бранови, поради климатските промени, ова е уште една појава што дополнително ја влошува состојбата со жешкото време.

Градовите заземаат околу 0,5 проценти од површината на Земјата, но во нив живеат над 50 проценти од светското население. Во светот, особено во земјите во развој, постои тренд на миграција на населението од село во град, a Обединетите нации предвидуваат дека до 2050 година, 68 % од светската популација ќе живее во урбани средини, така што проблемите со топлински острови ќе се зголемуваат во иднина.

Создавање на ефектот на топлински острови

Има неколку причини наведени подолу што придонесуваат за создавање на ефектот на топлински острови.

– Главната причина е т.н. бетонизација, односно густо изградените големи згради, асфалтираните улици, поплочените тротоари и паркинзи, кои апсорбираат топлина од сончевото зрачење. Најчесто тие имаат темна површина, така што имаат релативно голема моќ на апсорпција на топлинските зраци од сонцето. Бидејќи бетонот, тулите и асфалтот се добри акумулатори на топлина, тие го загреваат воздухот и подоцна, во текот на вечерните и ноќните часови.

– Друга голема причина е намалената вегетација, односно малку дрвја и мали површини со зеленило. Тие имаат неколку корисни дејства: испарувачко (евапоративно) ладење со испуштање влага во воздухот, правење сенки, апсорбирање јаглерод диоксид, ослободување кислород во воздухот и др.

– Трета причина се високите згради, кои, како градежна маса, апсорбираат големо количество топлина. Исто така, тие го блокираат струењето на воздухот со што се намалува ладењето на ѕидовите на фасадите.

– Зголеменото количество топлина ја зголемува потребата за ладење со системите за климатизација, при што се ослободува дополнителна топлина од нивната работа.

– Следна причина се возилата, кои ослободуваат отпадна топлина од работата на моторите, но и од своите клима-уреди.

Стратегии за намалување на ефектот на топлински острови 

Постојат разни стратегии за избегнување и/или намалување на ефектот на топлински острови. Всушност, тие произлегуваат од причините за нивното создавање, а подолу се наведени позначајните.

– Паметно урбанистичко планирање. Да не се дозволува бетонизација на градот со густо изградени големи згради. На пример, во Скопје постои т.н. урбана мафија, тоа се фирми што по секоја цена сакаат да градат на атрактивни локации (Центар, Карпош, Аеродром…) за поголем профит. Треба да се најде ефикасен механизам да се спречи натамошна бетонизација. Во тој контекст, советниците во општините да внимаваат при гласање за одобрување на урбанистичките планови. Лошата урбанистичка инфраструктура овозможува и големо аерозагадување во текот на грејната сезона со РМ-10 и РМ-2,5 честички.

– Дрвја и вегетација. Со зголемен број дрвја и поголемо покривање со вегетација, се намалува температурата на површината и на воздухот бидејќи се обезбедуваат сенки и испарувачко ладење. Водата од атмосферските врнежи ќе се задржува подолго време отколку на асфалтот и на поплочените тротоари.

– Зелени покриви. Одгледувањето вегетација (разни растенија, треви др.) на покривот од зградата ги намалува температурите на површината на покривот и околниот воздух и го подобрува искористувањето на атмосферските води. Се разбира дека во ваков случај треба ангажирање на работна рака за одгледување на вегетацијата, вршење редовно полевање и др.

– Светли (ладни) покриви. Со инсталирањето покрив од светло обоени материјали или облоги што значително го рефлектираат сончевото зрачење, се намалува температурата на покривот, а со тоа и топлинските добивки во просториите под покривот. Во последно време, има тенденција на инсталирање фотонапонски панели на покривите. Тие имаат црна боја, но во таков случај тоа е пожелно, бидејќи се произведува електрична енергија.

– Асфалт и бетон со посветла боја. Во таков случај, сончевите зраци се рефлектираат и на тој начин површините на улиците, тротоарите и на паркинзите помалку се загреваат.

 Најзасегнат е центарот на Скопје

Во градот Скопје, најизразен ефект на топлински остров има во центарот на градот, каде што има голем број згради со голема густина на изграденост, многу асфалт и поплочени тротоари, а зеленилото е на мали површини. Доволно е да се отиде од центарот на градот до Градскиот парк и да се почувствува разликата од неколку Целзиусеви степени. Таа разлика е уште поголема во однос на некое излетничко место во околината на Скопје (на пример, Сарај).

Ефекти на топлински острови има и во делови на општините Карпош и Аеродром. Ако не престане градежната експанзија, ефектот на топлински острови ќе биде сé поинтензивен, а ако се додадат на тоа топлинските бранови поради климатските промени, тогаш условите за живот во Скопје ќе бидат драстично влошени. Има еден феномен во врска со усвојувањето на урбанистичките планови во општините. Иако 100 проценти од анкетираните локални граѓани не го одобруваат градењето нови, големи згради, сепак, тие планови поминуваат на гласање во општинските собранија. Зошто? „Од авион се гледа зошто“. Преовладуваат интересите на бизнисот, на политички партии, но и личните интереси.

Подолу е прикажана фотографија на еден топлински остров во кој се наоѓа „Сити мол“ (City-mall) и плус неколку големи згради на потегот од бул. „Партизански одреди“ до бул. „Илинден“. До пред неколку години, на оваа површина имаше само бавчи. Сега нема ниту еден квадратен метар зеленило. Ул. „Манапо“, покрај „Сити мол“. Оваа бетонска џунгла е изградена во последниве неколку години.

За да се следи состојбата во однос на ефектот на топлинските острови, предлагам да се направат мерења во летниот период, во одредени делови на Градот Скопје, за да се знае фактичката состојба. Ова особено се однесува на центарот на градот, како и на деловите со поголема густина на згради (Карпош, Аеродром и др.). Ова би требало да го направи Управата за хидрометеоролошки работи, како најкомпететна за мерење на температурите на воздухот.

 

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор на

Машинскиот факултет – Скопје

 

 

 

Поврзани статии
- Advertisment -
Google search engine

Неодамнешни коментари