Согласно тоа како се движи бруто-домашниот производ (БДП) и согласно колективниот договор, наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска.
Одговарајќи на новинарски прашања за време на увидот на спортска сала во Булачани, Јаневска рече дека имала две конструктивни средби со СОНК, како и со група наставници.
Министерката Јаневска минатиот месец изјави дека ќе направат максимални напори платите на наставниците постепено да растат, изразувајќи уверување дека до крајот на мандатот ќе се потпише и нов колективен договор за основно и за средно образование.
Таа исто така информира дека нема да има пролетен распуст за учениците во наредната учебна година. Финалните анкети на родителите покажале дека тие не сакаат, но истото го мислат и повозрасните ученици.
-Оваа година пролетен распуст нема да има, кажа Јаневска во изјава за медиумите, додавајќи дека учебната година ќе започне на 2-ри септември, понеделник.
На прашањето дали во МОН се разгледува друга можност за краток одмор на учениците, Јаневска вели дека во моментов нема такво нешто.
The post Јаневска: Наставниците во март идната година ќе добијат 12% покачување на платата appeared first on Локално.