Филков: Комората на вештаци стана функционална

    Филков: Комората на вештаци стана функционална

    Министерот за правда, Игор Филков, и претседателот на Комората на вештаците, Виктор Камнар, на денешната прес-конференција соопштија дека со запишувањето на Комората на вештаците во Централниот регистар се означува почетокот на една нова реформа во правосудниот систем.

    „Една од моите први задачи кога стапив на функцијата министер за правда беше Комората на вештаците да ја направиме да биде функционална. И тоа го сторивме за релативно кус период. На 25.10.2024 година со решение на Централниот регистар на РСМ е запишана Комората на вештаците на РСМ во ЦРСМ, со што дури по цели 8 години, можеме да кажеме дека таа профункционира!

    Ова е значаен исчекор бидејќи Комората предолго беше во процес на мирување лишувајќи го правниот систем од експертиза. Со ова ќе се решат и проблемите, со кои, за жал, со години се соочуваа вештаците како во поглед на заштитата на своите интереси, особено со издавањето на лиценците и нивната важност, така и во поглед на можностите за унапредување на нивната работа. Сето тоа беше скратено или ограничено поради фактот на непостоење на Комората како еснафско здружение на вештаците“, рече Филков.

    Филков потенцира дека е убеден оти ова институција ќе стане синоним за стручност и ќе придонесе кон поефикасно и фер функционирање на нашиот правосуден систем.

    „Функционалната Комора на вештаците претставува клучен чекор кон подобрување на правниот систем и создавање силен механизам за контрола и поддршка на вештаците во Македонија. Комората ќе биде одговорна за лиценцирање, едукација и надзор на вештаците во правец на јакнење на професионалните и етичките стандарди. Со ова очекувам да се зголеми довербата во правосудниот систем, како и перцепцијата за фер и објективни правни постапки“, изјави Филков.

    Претседателот на Комората на вештаците, Виктор Камнар, смета дека со ова ќе се унапредат квалитативно сите судски вешти наоди со цел да го зголемиме квалитетот на сите управни и судски постапки.

    „Следниот месец на веб-страницата на Министерството за правда ќе биде објавен јавниот повик за сите оние што првпат ќе сакаат да станат вештаци, да ги достават своите документи и она што е во надлежност на Комората, организирање обуки на сите идни вештаци во времетраење на 60 часа за да се овозможи добивање лиценца“, рече Камнар.

    Министерството за правда продолжува со поддршката на Комората во напорите за постојан професионален развој и унапредување на постапките.

    Текстот Филков: Комората на вештаци стана функционална е превземен од МАКФАКС.

    Exit mobile version