дома МАКЕДОНИЈА ФЗО донесе ме...

ФЗО донесе мерки за руралните амбуланти: Привремено работење и без медицински сестри

ФЗО донесе мерки за руралните амбуланти: Привремено работење и без медицински сестри

Директорите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, заедно со претставници од Здружението на приватни лекари (ЗПЛ), објавија низа мерки за решавање на проблемите со примарното здравство, особено во руралните подрачја.

Една од клучните одлуки е дека во следните 24 месеци на докторите во руралните амбуланти ќе им биде дозволено да работат без медицинска сестра.

Руралното здравство на работ на колапс

На состанокот било истакнато дека недостигот на медицински кадар и намалената атрактивност на примарната здравствена заштита бараат итни интервенции.

Со актуелниот концепт, малите градови и руралните места ризикуваат да останат без матични лекари во блиска иднина. Овие мерки се привремени, но суштински, и во наредните 24 месеци треба да најдеме трајни решенија,“ изјави Сашо Клековски, директорот на ФЗО.

Поддршка за руралните амбуланти и доктори

Како дел од новите мерки, зголемени се фиксните примања на руралните доктори за 22.000 денари нето, со цел да се покријат дополнителните трошоци, особено патните. Зголемени се и бодовите за капитација, што беше едно од барањата на Здружението на приватни лекари.

Со оваа одлука ги спасуваме руралните амбуланти. Овозможувајќи им на лекарите да работат без медицински сестри, обезбедуваме пристапност и квалитетна грижа за сите граѓани, независно од нивната локација,“ изјави Лилија Чолакова-Дервишова, претседателката на ЗПЛ.

Казните и капитацискиот бод – тема на дискусија

На состанокот било разговарано и за прашањето на казните. Клековски објасни дека во соработка со ЗПЛ ќе бидат разгледани сите казни, со фокус на намалување на санкциите за помали грешки, а строга контрола ќе се врши само за повторливи прекршоци или злоупотреби како лажни боледувања.

Претседателката на ЗПЛ, Чолакова-Дервишова, посочи дека го претставила барањето капитацискиот бод да се зголеми на 100 денари, поднесувајќи аргументи за неопходноста од оваа промена.

Новите мерки се дизајнирани за да се спречи дополнителен одлив на кадар од руралните подрачја и да се подобри пристапот до здравствени услуги. Останува да се види дали Владата ќе ги поддржи дополнителните барања на лекарите, особено во однос на капитациските бодови.


 

Exit mobile version