Уметниците преку „Голем формат“ испратија пораки на актуелни теми: Изложба на ДЛУМ отворена во Дом на АРМ

Уметниците преку „Голем формат“ испратија пораки на актуелни теми: Изложба на ДЛУМ отворена во Дом на АРМ

Оваа година уметничкиот совет на ДЛУМ ги покани авторите да ги претстават своите пораки, кодирани според личните симболи на индивидуалната перцепција за она што го испраќаме во овој посебен момент од нашето контактирање со останатите – како мејл или пост виден од поширока креативна перспектива. На изложбата, која во Дом на АРМ ќе биде отворена до 6 ноември, можат да се видат делата на 15 македонски уметници, изработени во голем формат на тема „Големото А – Кодирани мејлови“

 

Во Домот на Армијата во Скопје, вчеравечер, беше отворена традиционалната изложба „Голем формат“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), на која со свои дела се претставија 15 познати македонски уметници. На тема „Големото А – Кодирани мејлови“ свое ликовно видување дадоа уметниците:

Никола Пијанманов, Стефан Анчевски, Мице Јанкуловски, Мила Добревска, Јоана Арсовска, Душан Георгиевски, Слободан Живковски, Зулејха Зубери, Валентина Илијевска, Јана Јакимовска, Перо Кованцалиев, Нела Јанковска, Марина Лешкова, Ангелица Стојковиќ и Златко Пецов.

„’Голем формат’ веќе стана традиција, иако е од поновите програмски изложби. Овој формат дава посебна магија, а специфичен е не само поради своите димензии, туку и поради т.н. зголемена композиција, која бара умешност и вистински предизвик е да се совлада од страна на авторите. Бидејќи ги имавме изложби „Мал формат“ и „Миниартура“, сметавме дека како опозит треба да имаме и „Големи формат“, кој е специфичен и импозантно делува во секој галериски простор каде што се поставува. На изложбата можат да се видат различни потписи и добро е што на секое издание на „Голем формат“ имаме автори кои се активни и секогаш со задоволство учествуваат на повикот“, посочи Јана Манева-Чупоска, претседателката на ДЛУМ.

Од ДЛУМ, исто така, посочуваат дека големиот формат како инспирација се потврдува најмногу во уметноста наменета за екстериер, каде што остварува динамичен дијалог со светот кој постојано се менува во отворен простор.

„Делата во голем формат поставени во ентериер го впиваат вниманието на гледачот со своите маркантност и доминација и за публиката не оставаат место за дилема, криење или двоумење. Пропорциите се носители на пораката како и сите основни елементи на визуелниот израз, моќни или, пак, празни, во зависност од квалитетот на означеното потенцирано со големите димензии“, велат од ДЛУМ.

Манева-Чупоска исто така посочи дека целта со изложбите е да се поттикне и одржи процесот на творештвото кај членовите. Исто така, со организирање на изложбата „Голем формат“, ДЛУМ го поттикнува современиот ликовен израз кон постојана потрага по нови визуелни и концепциски изразни, техники, нови медиуми и вокабулар за експресија. Оваа година уметничкиот совет на ДЛУМ ги покани авторите да ги претстават своите пораки, кодирани според личните симболи на индивидуалната перцепција за она што го испраќаме во

овој посебен момент од нашето контактирање со останатите – како мејл или пост виден од поширока креативна перспектива.

Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам, а ќе биде отворена за посетители до 6 ноември. Веќе на 31 октомври ДЛУМ ја организира и изложбата „Современа скулптура“, која ќе биде отворена до 11 ноември. До крајот на годината ќе се реализира и изложбата „Мал формат/ Миниартура“ од 21-28 ноември, како и Годишната изложба на ДЛУМ која ќе трае од 13 до 30 ноември“.

Награда „Голем формат“ за Перо Кованцалиев

Наградата „Голем формат“ од уметничкиот совет на ДЛУМ годинава ја доби уметникот Перо Кованцалиев. Тој на изложбата се претстави со делото насловено „Дамки“, изработено во техника чад на платно (2024) и со димензии два на три метри. Откако претседателката на уметничкиот совет проф. д-р Маја Рауник Кирков му ја додели наградата за најдобро дело селектирано од уметничкиот совет на ДЛУМ, Кованцалиев посочи дека пораката на делото е во делот на заштитата на човековата средина и рециклирањето. Тој, исто така, го откри и процесот на творење. Уметникот, всушност, изгорел негова стара кошула, по што честичките од чадот по природен пат се залепиле на платното.

Кованцалиев во едно свое интервју во весникот ВЕЧЕР посочи: „Се обидувам да говорам не со пишан збор туку со уметноста за актуелните теми кои  стојат на маргините. Дневно-политичките теми, брзиот развој на технологијата, секојдневните проблеми кој ги закрилува неолибералниот систем на управување, постојано ги маргинализираат темите кои се од суштинско значење за одржливиот развој. Затоа интелектуалците, па и ние уметниците сме овде да говориме за горчината која ја живееме многу често и да ги сценираме сегашните и можни случувања…“, посочи Кованцалиев. (Д.Т.)   Фото: П.Стојановски

 

Exit mobile version