дома ЕКОНОМИЈА Три локомотив...

Три локомотиви и три воза се движат по македонските пруги

Железничкиот сообраќај во Македонија незапирливо умира, во период кога Европската Унија во континуитет инсистира на зголемување на користењето на возовите, како последица на климатските промени предизвикани од емисијата на стакленички гасови.

Двете преостанати линии, Скопје – Гевгелија, преку која се одвива патничкиот сообраќај и се превезува стока, и онаа од Битола до главниот град, често се во прекин, а меѓународни линии немаме одамна.

Сега ретко кој може да се потпре на патувањето со возови, бидејќи се стари и неодржувани. Се случува пожарникарски екипи да гаснат запалени локомотиви, а последниот таков инцидент беше пред три месеци, на железничката станица во Гевгелија, кога гореше влечно возило, локомотива од воз. За среќа, немаше повредени лица.

Дека состојбата со железничкиот сообраќај е катастрофална, потврдува и новиот директор на Подружницата за влеча и одржување влечни средства во „МЖ – Транспорт“, Игор Коруноски.

– За жал, моменталната затечена ситуација со бројот на функционални локомотиви и возови е многу лоша, односно катастрофална. Поради неодговорно однесување и ненавремено сервисирање, голем број влечни и влечени железнички средства се надвор од употреба. Во делот на товарниот железнички сообраќај, располагаме со само една дизел-локомотива и две електрични локомотиви. Во делот на патничкиот железнички сообраќај, моментално имаме на располагање само три воза – вели Коруноски за весникот ВЕЧЕР.

За споредба, во 2015 и во 2016 година беа набавени шест патнички воза од Кина (четири моторни и два електрични).

Тој се надева дека работите ќе одат на подобро. По 24-часовна непрекината работа, деновиве е ставена во функција една локомотива. Иако навидум изгледа мала работа, познавачите на железничкиот систем знаат дека за оспособување и ставање во функција на една локомотива, потребен е тим од стручни кадри со многу знаење и менаџмент, кој ќе го раководи целиот тој процес.

– Овој „мал“ почеток нека биде мотив и вовед на една успешна приказна за „Македонски железници“. Во моментов, максимално сме фокусирани на тоа како да го зголемиме бројот на функционални локомотиви и возови. Со добра организација и со максимална посветеност на сите вработени, особено во делот на одржувањето, се надеваме дека ќе успееме да го зголемиме бројот на функционални локомотиви и возови. Се надеваме дека железницата повторно ќе биде во служба на граѓаните – потенцира Коруноски.

Патниците чекаат редовни и функционални возови, особено оние повозрасните, кои во минатото често го користеле ова превозно средство не само во земјава туку и до подалечни дестинации.

– Патувањето со воз е уживање. Цел живот, од дете, ме носеле за Битола со воз. Сум патувал до Загреб, па и до Љубљана. Сум одел преку Белград и за Букурешт. Сум патувал, преку Солун, до Атина. Возовите треба да се редовни и да стигаат навреме. Да се чисти и средени и сите да имаат кола со бифе за кафе, пијачка, мал оброк или за пушачите да испушат по една цигара. И нека има понуда за сите. Обичниот патнички воз, кој застанува секаде, да има една цена, експресните (брзите) да бидат поскапи, ама да се точни и редовни – вели Александар Ристевски.

Многу линии на кои порано сообраќаа возовите се укинати. Од „МЖ – Транспорт“ се правдаат дека немаат доволно возни средства за да ги вратат укинатите патнички возови во функција, а во најскоро време очекуваат да се врати во сообраќај вториот пар возови на релацијата Скопје – Гевгелија – Скопје.

– Подобрувањето на состојбата во патничкиот железнички сообраќај во земјава ќе зависи од обновувањето и модернизирањето на возните средства и на железничката мрежа – појаснуваат од „МЖ – Транспорт“.

Експертите сметаат дека е време железничкиот транспорт да стане конкурентен со патниот транспорт, но ќе се постигне тоа само со реконструкција на постојната железничка мрежа, што ќе ги доведе пругите барем до брзина на движење на возовите од 120 или 140 километри на час. Од „МЖ – Транспорт“ велат дека за обнова на пругите во земјава, ќе се чека на пари од ЕУ, а приоритет е делницата од Табановце до Гевгелија.

Инаку, „МЖ – Транспорт“ со години и со децении работи во тешки услови, со финансиска поддршка од Владата за да може да реализира одреден број линии во оперативниот план. Лани, владината помош изнесуваше 15 милиони евра, а оваа година се очекува поддршката да достигне до 25 милиони евра.

(С.Бл.)

Exit mobile version