Таравари и со скратен буџет ќе ги вработува оние со договор на дело: Ќе најдеме решение и тие до крајот на годината да бидат редовно вработени

    Таравари и со скратен буџет ќе ги вработува оние со договор на дело: Ќе најдеме решение и тие до крајот на годината да бидат редовно вработени

    По одлуките за вработување на специјализантите и дополнувањето на позитивната листа на лекови, кои министерот за здравство, Арбен Таравари, ги смета за завршени, денес најави дека ќе се заложи до крајот на годината решенија за трајно вработување да добијат лицата што со години работат со договор на дело во здравството. Приоритет и персонална задача рече дека му било да најде решение за специјализантите и среќен е што успеал да го најде во првиот месец како министер. Од вкупно 647 специјализанти, 300 ќе бидат вработени оваа година, а уште 300 ќе останат за следната.

    „Во меѓувреме, следната моја заложба ќе биде за овие што подолг период работат и немаат решение за работа, особено среден медицински персонал, да најдеме и за нив решение до крајот на годината и тие да бидат редовно вработени. Нема да се чека новиот буџет, ќе се обидеме во склоп на овој буџет да успееме да го вклопиме ова, но ми треба време да се синхронизирам со другите министри“, рече министерот Таравари денес по посетата на Клиниката за педијатрија за промоција на нов апарат за ЕХО на главата на помали деца.

    Иако со години работат на клиниките, дежураат како и оние што имаат решенија за вработување, на почетокот на годината Министерството за здравство изброи 1.117 лица што работат со договор на дело во здравствените установи. Тогашниот министер за здравство, Фатмир Мецити, рече ќе ита да ги заврши сите постапки пред изборите за тие да бидат трајно вработени, но половина година подоцна за овие работници решенијата се само во најава.

     

    Текстот Таравари и со скратен буџет ќе ги вработува оние со договор на дело: Ќе најдеме решение и тие до крајот на годината да бидат редовно вработени е превземен од МАКФАКС.

    Exit mobile version