Со уникатните апликации на познатите зографи, крушевските староградски куќи го збогатуваат културното наследство

Крушевската староградска архитектура е уникатна и изобилува со уметнички апликации на фронталниот дел од куќите на видните крушевчани, а биле изработени од познатите крушевски зографи. Историскиот музеј од Крушево истражувал и документирал повеќе од 80 апликации на куќите, но останале само 30-ина. Апликациите на лавови, кози, митски суштества, грифони до некој степен се блиску до грбовите и ја нагласуваат уникатноста.

– Станува збор за една ретка специфика, иако староградската архитектура често е уметнички украсувана со цртежи и апликации. На фронтот од крушевскиот тимпанон, кој е еден вид врв на фасадата, како уметност што се издигнува кон покривот, се нацртани различни видови апликации, од библиски сцени до различни креации, во зависност од сопственикот. Сите тие се дело на крушевските зографи, познати се како самарици. Тоа име е добиено од зографите од Крушево, кои потекнувале од селото Самарина од Епир – објаснува Зоран Богески, историчар од Историскиот музеј – Крушево.

Тој додава дека староградската архитектура во Крушево изобилувала со такви апликации, но, за жал, денес се зачувани само 30-ина.

– Во нашето проучување, ние успеавме да документираме близу 80, според зачувани фотографии. Ги проучувавме детално. Не станува збор за директно хералдички апликации со сите хералдички карактеристики, туку станува збор за апликации од кои некои се близу, до некој степен, до грбовите. На розетите се испишани иницијали или монограми од сопствениците или од тие што ги граделе. Но, дефинитивно се дело на крушевските зографи. Тоа е специфика само за Крушево. Има паралели само во Пловдив, Бугарија, каде што работеле крушевските зографи, и во Тетово – вели Богески.

Музејот истражува зошто ги избирале сопствениците мотивите за украсување. Останува отворено прашањето дали е поврзано тоа со дејноста или со одреден занает. Но, уникатноста е документирана и забележана и со посебниот пример на познатото семејство Секуловци.

– Успеавме да најдеме еден опис на апликација. Станува збор за фамилијата Секуловци, исклучително историски значајна фамилија, која се вградила во повеќе периоди од нашата историја, пред преродбата, во периодот на преродбата и во периодот од револуционерното движење, па, можам да кажам, и до АСНОМ. На нивната куќа, на куќата на Веле Секулов, која е урната околу 1993 година, бил аплициран штрк, кој носи глобус. Ако се знае нивната револуционерна, просветителска и преродбенска дејност како фамилија, тоа буквално значи преродба. Ние не може да знаеме дали е тоа директна врска или случаен избор. Тоа е зачувано во описот во „Крушевската хроника“ на авторот крушевчанец, Бранко Благоески – наведува Богески.

Крушевската староградска архитектура е заштитено културно наследство.

 

Exit mobile version