Целиот свет го чека почетокот на Олимписките игри во Париз, а многумина спортисти ги преминаа границите на можното за да настапат во Париз. Кога станува збор за најголемиот светски спортски настан, нема изговори – секој сака да се бори за почести и да се претстави себеси или својата репрезентација во најдобро можно светло. И покрај сè што знаеме за Олимписките игри, Австралиецот Метју Досон успеа да нè изненади: ампутира дел од прстот за да се натпреварува.
Австралискиот репрезентативец во хокеј на трева и освојувач на сребрен медал од Олимписките игри во Токио неодамна се здоби со незгодна повреда, поради која можеше да ги пропушти Игрите во Париз. Скршеницата на прстот од левата рака барала нешто подолго закрепнување, па лекарите му предложиле избор: подолго закрепнување и неодење на ОИ или делумна ампутација и патување во Париз!
- Немав многу време, морав брзо да донесам одлука. Ги имав сите информации што ми беа потребни, не само да се натпреварувам во Париз, туку и до крајот на животот, што ќе биде најдобро за моето здравје – рече Досон откако сите дознаа дека се согласил за ампутација.
Лекарите ја извршиле процедурата, а Метју контактирал со тренерот и објавил дека сè е во ред.
Австралискиот тренер за хокеј на трева, Колин Беч, останал шокиран кога дознал што се случило.
- Најбрзиот начин да заздрави беше да му се отсече дел од прстот. Не бев сигурен дека ќе го направи тоа, но тој го направи – изјави селекторот, кој ќе има трофеен дефанзивец и долг временски репрезентативец на располагање.
Метју Досон по трет пат ќе настапи на Олимписките игри, откако во 2016 година со Австралија стигна до шестото место, а во 2021 година го освои среброто. Тогаш дури по изведувањето на пенали беа поразени од Белгија, па сега ќе сакаат да направат пробив и да го освојат златниот медал. Олимпискиот турнир во хокеј на трева ќе се игра од 27 јули до 8 август, а Австралија, во групната фаза, ќе ги одмери силите со Белгија, Индија, Аргентина, Нов Зеланд и со Ирска. Четирите најдобри селекции се пласираат во четврт-финалето.