дома КУЛТУРА Светската тен...

Светската тенорска мегаѕвезда Пласидо Доминго во Скопје

„Прагма продукција“, во копродукција со Македонската опера и Балет, го најавува спектаклот што ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ на 14 март 2025 година.

Еден од најголемите тенори на денешницата, но и врвен диригент, освојувачот на 12 Греми-музички награди, Пласидо Доминго, првпат доаѓа во Скопје со премиерен и ексклузивен концерт на 14 март 2025 година во арената „Борис Трајковски“.

Да се присуствува на оваа музичка магија не е само привилегија, туку и уметнички мевлем за сите сетила.

Пласидо Доминго го заслужи своето место во аналите на операта со ѕвездената кариера, која се протега 50-ина години. Како уметник сам по себе и како член на „Тројцата тенори“, тој стана едно од најпочитуваните имиња во класичната музика освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 Греми-награди. Тој продолжува да ја зацврстува својата репутација до денес пред публиката во целиот свет. И како извонреден пејач и од неодамна и како диригент. Карактеризиран како ренесансен човек од страна на критичарите, награден со почесни титули и престижни награди, Доминго е и претседател на престижниот меѓународен натпревар за пеење „Опералија“, на кој е и основач, со цел да открие и промовира млади таленти.

Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, достигнување што не го направил ниеден друг артист, со над 4.400 настапи, а потврда за неговиот уметнички статус е фактот што тој е почитуван диригент со повеќе од 600 настапи. Бил почесен уметнички директор на фестивалот со стогодишна традиција, „Арена ди Верона“, како и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.

Заедно со него на сцената во арената „Борис Трајковски“ ќе застанат и Марија Жозе Сири, една од водечките сопрани во светот, има богата дискографија со ЦД и ДВД-снимки. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од Белканто до Веризмо, а таа се издвојува како истакната интерпретаторка на најпознатите херојки на Верди и Пучини. Жорди Бернасер, еден од врвните шпански диригенти денес, редовно диригира во најпрестижните традиционални театри и со реномирани оркестри. Тој ја почнал својата кариера како асистент на Зубин Мехта, Жорж Претр и особено на Лорин Маазел.

Невозможно е да се набројат сите брилијантни оперски улоги што Доминго ги остварил во својата извонредна уметничка кариера, која непрекинато трае повеќе од половина век, а за ова неверојатно достигнување бил прославен во оперите во Њујорк, Виена, Верона, Милано и во Буенос Аирес.

Ова е уникатна шанса Македонија, конечно, да биде позиционирана на светската уметничка мапа – момент што не смее да се пропушти!

ПЛАСИДО ДОМИНГО на голем спектакуларен концерт во Скопје во соработка со МОБ!
Запаметете го овој датум – 14 март 2025 година.

Билети преку продажната мрежа на www.kupikarta.com „Розе Веро 2“ и „ЈК травел“ во Бисер.

Линк за билети – https://kupikarta.com/event-details.nspx?eventid=5625

Текстот Светската тенорска мегаѕвезда Пласидо Доминго во Скопје е превземен од МАКФАКС.

Exit mobile version