Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година од вчера е на дневен ред на собраниската матична Комисија за финансирање и буџет. Предложените измени пред пратеници ги образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која рече дека со овој ребалансот на Буџетот се обезбедуваат средства за сите обврски кои согласно законите треба да се сервисираат од Буџетот. Таа е задоволна како е реорганизирана државната каса, бидејќи ќе има пари за плати и за пензии. Со измените вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари, или зголемување за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година.
Со овој ребалансот на Буџетот се обезбедуваат средства за сите обврски кои согласно законите треба да се сервисираат од Буџетот. Со ребалансот се обезбедуваат средства за се она што било предвидено со закон, а немало планирано средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање обврски по основ на камати, заеми и слично.Ова го посочи вчера министерката на финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на собраниската матична Комисија за финансирање и буџет каде прекројувањето на државната каса беше ставен на дневен ред.
Според министерката предлог-ребалансот бил првиот предизвик на кој работела заедно со нејзиниот тим.
-Сметам дека предлагаме едно најоптимално решение, имајќи ги предвид ресурсите со кои располагаме, малиот простор за маневар и секако макроекономската состојба. А сето тоа е со цел да создадеме цврста основа од која би се тргнало во подготовката на Буџетот за 2025 година кој треба да ги отслика политиките кои ќе ја водат државата напред, посочи министерката за финансии и дополни дека како одговорна Влада која го почитува словото на Законот нема да отстапат од она што е обврска и со ребалансот се обезбедуваат средства да се сервисираат сите обврски.
Таа посочи дека со ребалансот се обиделе да направат максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација, како и средствата коишто стоеле неискористени.
-Водејќи се од напорите за фискална консолидација, најдовме заштеди од околу 20 милијарди денари, за да ги употребиме онаму каде ни требаат, укажа Димитриеска-Кочоска.
Овие измени се базираат на реални макроекономски претпоставки, а фискалната политика се насочува кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација.Со измените вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари, или зголемување за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година.
Дефицитот пак е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП.
-Растот на дефицитот и едновремено отстапувањето од фискалното правило се должи пред се на потребата за обезбедување на неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските- вели Димитриеска-Кочоска и дополнува дека се обезбедуваат дополнителни 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензиите, од кои 2,5 милијарди денари се за најавеното линеарно зголемување од 2.500 денари, овозможувајќи подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани.
Околу 400 милиони денари дополнителни средства се обезбедени за транзициски трошоци во вториот пензиски столб, 0,8 милијарди денари за исплата на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари дополнителни средства за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарди денари за земјоделски субвенции, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милиони денари за блок дотации. Има и дополнителни средства за финансирање на радиодифузна дејност, за финансирање на изборните активности, како и за извршни исплати и за поврат на средства кон Европската комисија согласно наодите на ОЛАФ.
-Со Ребалансот се обезбедуваат 0,8 милијарда денари дополнителни средства за исплата на камати кон домашни и меѓународните кредитори, 5,1 милијарда денари за активирани гаранции по основ на задолжувања за ЈП и АД во државна сопственост и 6 милијарди денари за проекти за општините-додаде Димитриеска-Кочоска.
Развојот во Ребалансот ќе се финансира со планирани 45 милијарди денари за капитални расходи, при што е извршено ревидирање на капиталите проекти со позабавена динамика, особено кај капиталните проекти кои се реализираат на посебни сметки.
Министерката потенцира дека со планираното ниво на буџетска потрошувачка се овозможува нормално и непречено функционирање на институциите, исполнување на обврските кон меѓународните кредитори, како и подобрување на животниот стандард на граѓаните и бизнис заедницата.
Таа исто така дека со ребалансот на Бицетот направена е надолна ревизија и на очекувањата за раст на домашната економија, па така годинава растор е проектиран на 2,1%, наспроти претходно планираниот 3,4%. Додека стапката на инфлација за 2024 година е проектирана на 3,5%, што претставува значително забавување на ценовната динамика споредено со 2023 година.
Во рамки на Комисијата општата расправа по Предлог-ребалансот може да трае до 10 дена. На доставениот предлог поднесени се 58 амандмани. Откако Ребалансот на буџетот ќе помине на Комисијата за финансирање и буџет треба да се најде на пленарна седница. (В.Ма.)