Шпанскиот центар Усман Гаруба се врати во Реал Мадрид од НБА лигата, потврдија од „Кралскиот“ клуб.
Јасно е дека на Реал му требаше нов центар по заминувањето на Винсент Појрие во Анадолу Ефес, како и преселбата на Гершон Јабуселе во НБА лигата.
Усман Гаруба во младинскиот погон на Реал пристигна во 2013 година, а од 2017 до 2021 година беше дел од првиот тим. Ја освои титулата во шпанската АЦБ лига во 2019 година, а пред заминувањето беше прогласен и за најдобар млад играч во Шпанија, како и за ѕвезда во подем на Евролигата.
Тој беше избран од Хјустон како 23. пик на НБА драфтот, но не доби вистинска шанса. Во првата сезона забележа само 24 настапи, во втората забележа дури 75, но со ограничена минутажа, само 12 минути по меч, постигнуваше три поени, со четири скока во просек.
Потоа дојде трансферот во Голден Стејт каде што забележа само шест настапи, за на крај повторно да се врати во старото јато.