Роднините и соборците на Блерим Рамадани, побараа од Владата на Косово да изврши притисок врз Владата на Македонија и да го ослободи поранешниот член на терористичката ОВК, уапсен минатата недела потерница од Србија.
На протестот организиран од огранокот на ветераните ОВК во Урошевац, била обвинета Владата на премиерот Албин Курти дека не презема ништо за ослободување на Рамадани, кој се наоѓа во затвор во Тетово.
„Апелираме и до Владата на Македонија да ја исправи направената грешка, за да ги одржуваме добрососедските односи, во спротивно ќе одговараат за влошувањето на овие односи“, истакнале воените ветерани, додавајќи дека протестот е само првиот чекор.
„Бараме Владата на Косово и таа на Македонија сериозно да ја сфатат оваа работа, бидејќи ние, ветераните од војната на Ослободителната војска на Косово, не дозволуваме да се нарушат нашите соборци и војната на Ослободителната војска на Косово, со цел да бидат оцрнувани и криминализирани“, било соопштено на собирот.
Рамадани беше приведен на граничниот премин „Јажинце“, врз основа на потерница издадена од Судот во Белград, преку Интерпол Србија, под обвинение за воени злосторства во 1999 година на подрачјето на Неродимље. На 18-ти јули, Основниот суд во Скопје му изрече едномесечен екстрадициски притвор.
Пред неколку дена, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека по сите дипломатски канали ќе обезбеди ослободување на косовскиот државјанин и екс-припадник на ОВК.
„Амбасадата на Косово во Скопје е ангажирана со тим од правни експерти за што побрзо ослободување на Рамадани и негово враќање на семејството“, се наведува во соопштението на косовското МНР.
Во саботата, ветерани на Ослободителната војска на Косово и членови на семејството, организираа мирен протест пред Кривичниот суд во Скопје, од каде што побараа итно ослободување на Рамадани.
The post Протест во Урошевац за ослободување на Рамадани: „Македонија да ја исправи грешката“ appeared first on Локално.