Приказната за иранскиот колекционер кој решава да спаси филмска архива го отвора 15. „Македокс“; Фестивалот на креативен документарец од 15 до 22 август

Иранско-британскиот документарец „Целулоидно подземје“ ќе го отвори јубилејно 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, што годинава ќе се одржи од 15 до 22 август. Фестивалот ќе се случува на пет локации во Скопје, традиционално во Куршумли-ан, потоа на платото на Музејот на Македонија, Сули-ан, МКЦ и „Лабораториум“, како нова локација.

„Целулоидно подземје“ што ќе се прикаже на 15 август, во Куршуми-ан, од 21 часот, е во режија на Ехсан Кошбахт, а прикажува еден настојчив филмски колекционер во Техеран, кој по завршувањето на Иранската револуција станува нетипичен херој кога храбро решава да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Филмот за отворање на „Македокс“ соодветствува со годинешното фестивалско издание, кое е посветено на архивите.

„Целулоидно подземје“

„Петнаесет години ги копаме слоевите на кромидот и дојдовме до нашето 15. издание. Мотото на ‘Македокс’ е ‘Копање по емоции низ времето’ бидејќи годинава тематски фестивалот се фокусира на архивата, односно на користењето на архивски материјал во документаристиката. Програмата е сочинета од 92 филмови кои се натпреваруваат во пет натпреварувачки категории и тоа за главната награда Кромид, потоа за Млад кромид -за млади автори, за Сецкан кромид – за краток документарец, Кокарче – за студентски документарец, како и наградата за етички идеи во документарниот филм“, рече на денешната прес-конференција Дарко Набаков, извршен директор на „Македокс“, кој додаде дека фестивалот годинава ќе има околу 100 странски гости, а остануваат и традиционалните „Разговори под смоква“, секој ден од 18 часот во Куршуми-ан.

Петрула Вељановска, програмски координатор на „Македокс“, посочи дека организацијата е среќна што ова јубилејно издание на фестивалот е посветено на архивите. „Македокс“ годинава е посветен на кинотечната дејност затоа што архивите се наоѓаат во кинотеките. Годинава ќе имаме фокус на балканските кинотеки и користењето на архивскиот материјал во документарните филмови, како и негова дигитализација, чување и реставрација. Бидејќи со текот на годините сфативме дека архивскиот материјал е симбиотски врзан за документарните филмови и е значаен за авторите кои преку него ги преобликуваат нивните приказни и даваат нови идеи и нов поглед на општествените настани. Иако архивите ги врзуваме за минатото, преку нивно користење од авторите добиваме нов поглед кон иднината“, додаде Вељановска.

Како што истакна таа, на отворањето, пред документарецот „Целулоидно поднебје“, ќе се прикаже 29-минутниот филм „Како се мери годината?“ на американскиот режисер Џеј Розенблат, еден од доајените на документаристиката и често прави документарци со помош архивски материјал. Во филмот тој седумнаесет години по ред ја снимал ќерка си Ела на нејзиниот роденден, поставувајќи ѝ исти прашања. Во 29 минути гледаме како едно девојче расте од заодуваче во млада жена со сите убави, а понекогаш и непријатни периоди.

„Во фокус програмата годинава ќе имаме архивски филмови од кинотеките од поширокиот балкански регион. Тука селектиравме филмови од повеќе балкански кинотеки. Секако оваа програма, во Сули-ан, ќе ја отвориме со нашата кинотека, а потоа ќе имаме филмови од југословенската, словенечката, црногорката, унгарската, романската, бугарската и албанската кинотека. Горди сме на оваа програма бидејќи сега немаме земја во фокус, туку регион во фокус. Станува збор за кратки архивски филмови од 60 и 70 години на минатиот век, дигитализирани и реставрирани“, посочи програмската координаторка на фестивалот.

Како што истакна Вељановска, во главната програма ќе има филмови кои се нови на документаристичката сцена, а користеле архивски материјал. Тука се филмовите „Најмила Фиона“, „Агент на среќата“, „Дахомеј“, победникот на Берлинале на Мати Диоп… Ќе се прикаже и филмот „Холивудгејт“, чиј монтажер е нашиот Атанас Георгиев, а ќе има и некои филмови што се значајни за македонската документаристика, пред сè филмот на Кумјана Новакова – „Молкот на разумот“, којшто доби награда на Амстердамскиот филмски фестивал. Во главната програма на „Македокс“ е и филмот „Архитектон“ на Виктор Косаковски. Вељановска посочи дека покрај другите филмови во програмата Нови автори, ќе биде прикажан и филмот на нашиот режисер Бојан Тантуровски „Градина“, којшто на „Македокс“ ќе има македонска премиера, додека во студентската програма ќе биде прикажан филмот „Живот на даската“ на младата авторка Леона Јариќ. На фестивалот премиерно ќе бидат прикажани и три документарци произведени од школата за млади филмаџии „Докуникулци“.

„Во програмата за кратки филмови ќе има околу 14 филмови. Меѓу нив е филмот од македонската режисерка Марија Џиџева ‘Сјајот на ѕвездата’ и филмот ‘Хембој’ на Елизабета Конеска. Во детската програма оваа година донесовме чешки филмови од постарата чешка анимирана школа“, додаде Вељановска.

Во рамки на фестивалот ќе се одржат и два мастеркласа. На 17 август во „Лабораториум“ ќе се одржи мастерклас со филмскиот режисер Столе Попов со наслов „Бекни бе, ќе ми снема лента“, кој ќе го модерира филмологот Илинденка Петрушева. Вториот мастерклас ќе се одржи на 18 август на истата локација со наслов „Звуци и слики од втора рака“ и ќе ги открие методите на филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут за реупотребата на архивски звуци и слики. Ќе се одржи и Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“ – од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова и Влад Петри, романски филмски режисер. Во индустрискиот сегмент на фестивалот ќе се одржи шестото издание на МакеКоПроДокс форумот, чијашто главна цел е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Годинашното издание на МакеКоПроДокс форум ќе се случува од 19 до 21 август во Скопје. Модератори и ментори на форумот се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.

„Оваа година имаме значајна соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, така што ќе имаме панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот ќе се зборува за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Ќе има презентација и на ‘Документарница’, која е лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија“, истакна Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.

Фестивалот ќе се затвори со филмот на Тамара Котевска – „Патување пеш“, на 22 август, во Куршуми-ан (21 часот). (Н.И.Т.)

Exit mobile version