Претставата „Хинкеман“ вечерва во МКЦ

    Претставата „Хинкеман“ вечерва во МКЦ

    Во салата Фросина, во Младинскио Културен Центар, со почеток во 20:00 часот, ќе биде изведена театарската претстава „Хинкеман“.

    Автор: Ернст Толер
    Режија и адаптација: Тамара Стојаноска
    Превод и авторски текстови: Тамара Стојаноска и Бобан Алексоски
    Музика: Лука Тошев
    Дизајнер на постер и рекламен материјал: Бојана Цилевска
    Сценографија: Тамара Стојаноска
    Избор на костими: Тамара Стојаноска во консултација со Весна Михајловска
    Светло дизајн: Тамара Стојаноска во консултација со Сашо Тодорoвски – Штуре
    Фотографија и видео: Тамара Малкоска
    Фотографија на евент: Александар Ристовски МОТ 2024

    Театар „Златен Елец“ во копродукција со „Млад Отворен Театар“ (МОТ) и МКЦ Скопје

    Играат:
    Бобан Алексоски
    Талија Настова
    Дритон Вејсели
    Ане Блажовски
    Леонида Гулевска
    Бранко Михајлоски

    Претставата „Хинкеман“ е работена според анти-воената и експресионистичка драма (Der deutsche Hinkemann, 1923) на Ернст Толер чија најголема инспирација бил актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество. Во текстот на Толер се препознаваме и денес, а со тоа треба да се запрашаме дали воопшто нешто се менува во длабочината на човечкото однесување. Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. „Хинкеман“ е како огледало на нашето општество изградено на суровост, пари и предрасуди, а оние кои се различни на било кој начин, секогаш, во било кој историски контекст се исмејувани или отфрлени од толпата.

    Јуџин Хинкеман, воен ветеран кој се враќа дома физички и психички ранет, ги симболизира многуте оние кои се напуштени од системот во оној момент кога повеќе не се потребни како работна сила и можност за заработка. Тој е дел од оние кои не се вклопуваат во крутите правила на мажественоста и претходно зададените стереотипи или општествени очекувања. Човештвото е навикнато на исмејувајување на туѓите трауми, покажувајќи ги како симболи на неуспех. Виктимизацијата е проследена со јавно понижување, а Хинкеман, oтфрлен од општеството и принуден да работи како циркуски „изрод“ во т.н freak shows, станува симбол за тоа како светот ги третира своите најранливи луѓе – претворајќи го нивното страдање во спектакл за забава.

    Претставата покажува колку длабоко вкоренетите предрасуди и стравот од непознатото создаваат култура на булинг и малтретирање, каде што општеството ги малтретира оние кои отстапуваат од нормата – без разлика дали поради физичкиот изглед, половите улоги или било која друга согледана различност. Претставата е исто така и длабока критика на војната и нејзиното бескрајно, циклично насилство. Војната, не е само далечно сеќавање или момент во историјата – таа е секогаш присутна и веќе не се гледа како на привремен настан, туку на константен, неизбежен дел од нашето општество кое „напредува“ со поделби, експлоатација и контрола. Ваквиот начин на живот нè обезличува сите нас, условувајќи нè да го прифатиме насилството како трајно место во нашиот свет.

    Хинкеман, нè охрабрува да го видиме светот низ очите на оние кои се маргинализирани и дискриминирани и дава порака за разбирање, емпатија и заедништво. Низ неговото патување, се потсетуваме дека секој поединец, без разлика колку е скршен или различен, заслужува достоинство и сочувство. Oва е повик да се изгради општество кое им помага на луѓето наместо да ги турка на маргините – општество каде емпатијата е извор на сила, трансформирајќи ги не само поединците, туку и светот околу нас, – Тамара Стојаноска.

    The post Претставата „Хинкеман“ вечерва во МКЦ appeared first on ekran.

    Exit mobile version