Претседателката Сиљановска-Давкова ќе ги прими средношколците-олимпијци што освоија медали за Македонија

    Претседателката Сиљановска-Давкова ќе ги прими средношколците-олимпијци што освоија медали за Македонија

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе ги прими таленираните средношколци што ја претставуваа Македонија на светските научни олимпијади. Иако повеќето од нив одвај заминаа поради финансиски проблеми, повеќето од нив освоија златни, сребрени и бронзени медали и пофалници.

    Годинава беше најтешка за учениците да заминат на престижните меѓународни напревари што ги организираат Сојузот на математичари на Македонија (СММ), Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ), Македонското билошко друштво (МБД) и Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ). Се собираа донации, имаше апели за помош од бизнис заедницата, кои ублажија дел од проблемите, но сепак голем дел од трошоците паднаа на грбот на семејствата на учениците и на здруженијата кои се непрофитни организации.

    Министерството за образование и наука доделува акредитации на здруженијата да ги организираат натпреварите, но Законот за средно образование не дозволува доделување на финансиска поддршка од МОН за ученици и нивни ментори за учество на меѓународни научни олимпијади, туку само доделување на стипендии доколку е освоено едно од првите три места.

    Поради изборите и системските трансформации во изминатите мецеси учениците и водачите нема да ја добијат и досегашната поддршка од Агенцијата за млади и спорт која им рефундираше дел од парите по завршувањето на натпреварите. Годинава изостана и поддршката од ТИРЗ. Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека проблемот ќе биде решен со новиот закон за средно образование кој ќе биде изработен наскоро.

    Олимпијадите годинава беа организирани во Казахстан, Англија, Кина, Саудиска Арабија, Иран, Грузија и во Египет. Македонските средношколци постигнаа врвни резултати.

    Сиљановска-Давкова летово во вилата Билјана во Охрид ги прими хемичарите кои се вратија со сребро и бронза од Ријад, Саудиска Арабија.

    Насловна фотографија: Архива / Извор: СХТМ

    The post Претседателката Сиљановска-Давкова ќе ги прими средношколците-олимпијци што освоија медали за Македонија first appeared on УМНО.МК.

    Exit mobile version