дома КУЛТУРА Премиера на „...

Премиера на „Повторното обединување на двете Кореи“ во битолскиот театар

Премиера на „Повторното обединување на двете Кореи“ во битолскиот театар

„Повторното обединување на двете Кореи“, од Жоел Померат, а во режија на Јуш Зидар е новата претстава на Народниот театар Битола, чија премиера е најавена за 28 ноември во 20 часот.

Младиот словенечки режисер Зидар првпат гостува во Битола, а најчесто работи со театрите во Љубљана, Марибор и Целје. На сцената Зидар постави провокативна драма што ја истражува комплексноста на љубовта, врските и човечките емоции низ впечатливи и вознемирувачки сцени.

-На текстот му пристапивме крајно лично. Ние не изведуваме луѓе од високата француска буржоаска класа, тоа не е театар на ликови, туку за разоткривање на човечката несигурност, за потрага по делумни вистини во фрагментиран свет. Претставата е емотивно патување во длабочините на човечката интимност и потрагата по љубовта како вертикала која му дава смисла на краткото време од нашиот земен живот. Тоа е шоу што го остава отворен просторот на надворешната сценска слика да се доврши во имагинацијата на гледачот, посочи режисерот Зидар на денешната прес-конференција.

Во претставата настапуваат: Викторија Степановска Јанкуловска, Валентина Грамосли, Никола Стефанов и Иван Јерчиќ.

-Сметам дека направивме една нежна, суптилна претстава која на еден ненаметлив начин ја кани публиката да партиципира во создавањето на комплетната слика, доживување и реобмислување на сопствените чувства, стравови, живот… Оваа претстава ја доживувам како светло кое на дискретен начин од под затворена врата, продира од просцениумот кон публиката и која се надевам ќе разбуди силни чувства, истакна Јерчиќ.

„Повторното обединување на двете Кореи“ е петта премиерна претстава на Народниот театар во Битола во 2024 година.

Exit mobile version