Пред 80 години Скопје беше ослободено од окупатори, а не од администратори

Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива. Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот – истакна премиерот Мицкоски на свечената академија по повод 13 Ноември

 

Скопје и скопјани со низа активности ја одбележаа 80-годишнината од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор. Во предвечерието на 13 Ноември, свечена академија одржа ВМРО-ДПМНЕ, на која се обрати претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, кој нагласи дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство.

– Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива. Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот – истакна Мицкоски, потенцирајќи дека затоа, Скопје не е само град, туку е душата на Македонија, срцето на нашата историја и симбол на нашата издржливост.

Изразувајќи разочарување од досегашното менаџирање со Градот, тој нагласи дека на Скопје му треба човек кој ќе обединува и кој има визија, кој ќе има емпатија и ќе пулсира со градот, но и кој ќе умее да ја негува душата на градот и ќе решава проблеми.

Премиерот кажа дека не го знае името на идниот кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што истакна за тоа е прерано, но потенцираше дека го знае карактерот на личноста која ќе биде избрана. Односно, оти на Скопје му требаат докажани луѓе, бидејќи е уморно од големи приказни кои најчесно завршуваат како големи разочарувања, човек кој докажал дека умее да работи и оти не му треба кадар кој допрва ќе се пробува, туку човек кој ќе даде се од себе да ги решава проблемите.

-Човек со искуство и реализирана личност. Кој го знае градот, кој има успешен живот. Тука е централната власт да помогне како што и помагаме на многу други општини од различни политички ориентации, кои досега побараа поддршка. Скопје мора да заврти нов лист, и да имаме нов почеток. Мора да обезбедиме механизми идниот градоначалник да го вети и реализира ветеното и од тоа да нема отстапување. Со целата наша помош да изградиме сеопфатна програма која ќе ги реши горливите проблеми на скопјани – урбанизмот, сообраќајот, превозот, истото така и почист воздух. И верувам дека тоа заедно ќе го оствариме – заклучи Мицкоски.

Денеска, почит кон партизаните со поклон пред спомениците и положување свежо цвеќе изразија и голем број државни делегации, како и делегација од Град Скопје на чело со скопската градоначалничка, Данела Арсовска.

Таа нагласи дека ослободувањето на Скопје е момент кој значи не само ослободување од тешкото бреме на војната туку и почеток на самостојност, независност и непрекината борба за подобро утре.

– Овој историски ден е симбол на победата на духот, на решителноста и храброста на генерациите што со својата пожртвуваност ја донесоа слободата за сите нас. Тие херои, со неуморната борба за правда и достоинство, ни оставија аманет да го негуваме и почитуваме она што го постигнаа тие – да го градиме Скопје како град на успеси и перспективи. Осумдесет години подоцна, ние сме сведоци на независна и суверена Македонија и Скопје како нејзин центар на културата, напредокот и единството. Оваа годишнина е момент да се обврземе и да ги вложиме нашите труд и посветеност за нови победи и постигнувања во иднината – нагласи Арсовска.

(А.П.)

Exit mobile version