Генералниот директор на Управата за јавна безбедност на Австрија Франц Руф денеска изјави дека главниот осомничен за нападот на концертот на Тејлор Свифт признал се и детално ги опишал плановите за нападот.
Руф потврди и дека информациите за нападите ги добиле од тајната служба.
Руф додаде дека 19-годишникот, уапсен вчера во Терниц, Долна Австрија, работел на плановите за нападот од јули. На крајот на јули дал отказ на работното место и рекол дека има уште многу планови.
Младиот човек, кој е роден во Австрија, забележително го променил својот изглед и се прилагодил на пропагандата на ИД, пишува ORF.
Второто уапсено лице е 17-годишник. Според информациите кои оттогаш се потврдени, тој бил на стадионот Ернст Хапел, каде требало да се одржат концертите на Тејлор Свифт.
И двајцата тинејџери живеат во Терниц, а 17-годишникот неодамна раскинал со својата девојка. „Социјалната ситуација на двајцата осомничени е променета“, рече Руф.
Шефот на Управата за државна безбедност и разузнавање, Омар Хајави-Пирчнер изјави дека при претресот на куќата во Терниц биле пронајдени хемиски супстанци за правење бомби и пропагандни материјали на терористичката организација Исламска држава.
Што се знае за планот за напад на концертот на Тејлор Свифт во Виена?
„Тој сакаше да се убие себеси и голем број други луѓе со експлозиви и со мачети и ножеви“, додаде Хајави-Пирчнер, пренесува ORF.
Куриер, исто така, претходно објави дека 19-годишникот, чии родители биле од Македонија, наводно планирал да го забие својот автомобил во десетици фанови кои стоеле пред стадионот Ернст Хапел за време на концертите, а потоа со мачети и ножеви да ги нападне навивачите и конечно да активира бомба направена од украдените хемикалии.
Трите концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и задутре во Виена беа откажани поради планираниот терористички напад на стадионот Ернст Хапел. Се очекуваше околу 195.000 луѓе да присуствуваат на концертите на распродадениот стадион Ернст Хапел, а уште околу 20.000 фанови ќе ги слушаат концертите надвор од стадионот. Парите за влезниците ќе им бидат вратени.