Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека изборите во Грузија, на кои победи владејачката партија „Грузиски сон“, биле слободни и демократски и оцени дека владата на таа партија не дозволила Грузија да се претвори во „друга Украина“.
„Грузискиот народ донесе правилна одлука на изборите- во корист на мирот, бидејќи владата не сакаше да ја вовлече својата земја во бесмислената војна што се води во Украина. Би сакал да ви честитам дека, во контекст на желбата за европска интеграција, не дозволивте вашата земја да се трансформира во друга Украина. Ние многу ја цениме посветеноста на премиерот на оваа идеја и јас лично сум убеден дека до крајот на деценијата Грузија навистина ќе биде подготвена и во најдобра форма да стане земја-членка на ЕУ“, истакна Орбан на заедничката конференција со грузискиот премиер Иракли Кобахидзе во рамките на неговата посета на Тбилиси.
Орбан рече дека Унгарија знае што е војна, но и што е мир.