Сè е подготвено за почетокот на Летните олимписки игри и неколкумина спортисти би можеле да го обележат овој планетарен собир. Покрај Новак Ѓоковиќ, кому му недостига само олимпиското злато во кариерата, се најавува дека светла точка на овие Игри ќе биде американскиот спринтер Ноа Лајлс, човекот што сака да ги освои златните медали на 100 и на 200 метри, но и да му „украде“ барем еден светски рекорд на легендарниот Усеин Болт.
Одбројувањето започна, односно спортскиот свет „влезе“ во последните минути до почетокот на најважниот спортски настан во годината – Олимписките игри.
Речиси секои Олимписките игри ни „донесоа“ некои нови спортски херои, а натпреварите во атлетика и во пливање се, донекаде, централни настани на сите ЛОИ.
Овој пат ќе се задржиме на атлетиката
Во 1984 година, Лос Анџелес беше домаќин на Игрите, каде што на сцена стапи 23-годишниот американски спринтер Карл Луис. Златните медали во штафетата 100, 200, 4X100 и скок во далечина ја лансираа Леис во спортската орбита.
Синиот Ветер од Алабама доминираше во Лос Анџелес и стана глобално популарен по овие Игри. Секој негов чекор беше следен, атлетските натпревари на кои учествуваше беа најгледани спортски настани, а денес тој е еден од најдобрите спортисти на сите времиња.
До 2008 година и Олимписките игри во Пекинг, атлетиката, односно спринтерските трки, немаше херој како Луис. Тогаш блесна Јамајчанецот Усеин Болт, кој се појави на патеката на 100 и на 200 метри на Олимписките игри во Кина. Стоте метри ги истрча за 9,69, го освои златниот медал, го собори светскиот рекорд и стана првиот човек во светот што ја истрчал споменатата делница за помалку од 9,70. Болт доминираше и на 200 метри, а стигна до златото и до светскиот рекорд со време 19:30.
Болт освои златни медали на 100 и на 200 метри на Игрите во 2012 и во 2016 година и додаде две злата во штафетата 4×100 метри во својата колекција златни медали на Игрите.
На тој начин, Игрите во Пекинг го лансираа Болт во спортската орбита, исто како и оние во Лос Анџелес за Луис. Големиот Јамајчанец и понатаму е сопственик на светските рекорди на 100 и на 200 метри.
Времињата 9,58 на 100 и 19,19 на 200 метри се сè уште недостижни за атлетичарите, но со појавата на 27-годишниот Ноа Лајлс, ова мислење се менува. Игрите во Париз би можеле да го направат „бесмртен“.
Лајлс е актуелен светски шампион на 100 и на 200 метри и човек што истрча 200 метри за 19.31. Негова главна дисциплина е 200 метри и експертите веруваат дека го има светскиот рекорд на Болт во нозете, а токму на Олимписките игри во Париз, со евентуално соборување на оние 19,19 на Болт, би можел да влезе во историјата.
Лајлс зрачи со оптимизам пред Игрите. Тој е полн со самодоверба и сигурно ќе биде една од главните приказни во Париз оваа година. На последниот собир од Дијамантската лига во Лондон, тој истрча 100 метри со време од 9,81, што е негов најдобар резултат и трето најдобро време во сезоната. Со тоа, всушност, покажа дека е во одлична форма.
- Беше забавно. Можев да имам подобар старт, но транзициите беа добри и завршив со личен рекорд. Тоа е она за што се молев и сакав да го постигнам – изјави големиот американски спринтер.
Ноа Лајлс е подготвен. Негов сон се две олимписки злата и најмалку еден светски рекорд. Поблиску е до оној на 200 метри и се чини дека Париз е идеално место за испишување историја.