дома МАКЕДОНИЈА На листата не...

На листата невработени се 551 магистер на науки, од кои 349 се жени

Според статистиките кои ги објави Агенцијата за вработување, бројот на невработени во јуни благо се намалил, бидејќи во мај имало 102.523 невработени граѓани, и дополнителни 46.664 кои исто така бараат работа. Во споредба со првиот месец од годината намалувањето е уште поголемо, бидејќи во јануари сме имале 105.803 невработени граѓани, и уште 46.881 кои бараат работа.

Бројките откриваат дека од вкупно 101.510 невработени дури 52.427 се жени. Притоа најголем број од невработените се во категорија без образование или со основно образование и тоа дури 60.863 од пријавените невработени лица. Од овие 60 илјади невработи, 32.990 се жени.

Следна голема група се невработените со завршено средно образование. Тука како невработени се пријавиле 24.639 лица, а од нив 11.930 се жени.

Граѓани кои се невработени и кои имаат непотполно средно образование се 8.440, а од нив 2.674 се невработени.

Со високо образование се 6.337 лица, од кои дури 4.131 се жени.

Според Агенцијата за вработување загрижува фактот што одредени лица со години се водат како невработени и тешко успеаваат да најдат работа, бидејќи се без образование или со ниско образование. Дел од нив се пријавени од 5 до 7 години, но има невработените кои се пријавени и чекаат вработување повеќе од осум години.

Сепак зачудува и податокот дека како невработени имаме и доктори на науки и магистри. Па така на листа невработени лица се 551 магистер на науки, од кои 349 се жени. Имаме и 20 доктори на науки кои се пријавени за невработени, од кои 13 се жени.

Агенцијата за вработување има повеќе мерки за поддршка на вработување или самовработување. Во агенцијата секоја година пристигнуваат средства од уплатите за социјални придонеси за осигурување на работниците кои ги уплатуваат работодавците. Минатата година приливот достигнал 60 милиони евра, но од нив високи 42 милиони останале неискористени во Агенцијата.

Exit mobile version