back to top
2.8 C
Skopje
11.01.2025
Google search engine
домаНауката предв...

Науката предвидува: Преспанското Езеро целосно ќе пресуши до крајот на 21 век

Автори на научниот труд се професорите д-р Дејан Трајковски од Факултетот за технички науки при Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола и д-р Надежда Апостолова од Катедра за фармакологија при Универзитет во Валенсија, Шпанија во соработка со Граѓанска иницијатива „Охрид СОС“

„Катастрофалната загуба на вода на древното Преспанско Езеро: Хроника на претскажана смрт“ е насловот на научниот труд кој во понеделникот беше објавен во престижното научно списание

– Ги анализиравме историските записи и сегашниот тренд на намалување на водостојот на Преспанското Езеро и разговаравме за факторите кои придонеле или би можеле да придонесат за оваа состојба. Обезбедивме и идна проекција за водостојот, според кои Преспанското Езеро целосно ќе се исуши до крајот на 21 век – пишува во заклучокот на трудот.

Во апстрактот на трудот авторите пишуваат дека Преспанско-охридскиот езерски систем во југозападниот балкански регион е најстариот постојан езерски систем во Европа и глобално жариште на биодиверзитет и ендемизам.

Локацијата на сливот на Преспанското Езеро во североисточниот медитерански регион и најзначајните локации во областа / Извор: „Хидрологија“

– Неговата помала компонента, Езерото Макро Преспа (или едноставно наречено Преспанско Езеро), што го делат Северна Македонија, Албанија и Грција претрпе драматичен пад на нивото на водата (скоро 10 метри од 1950-тите). Намалувањето беше поголемо помеѓу 1987 и1993 и помеѓу 1998 до 2004 година, а состојбата е дополнително забрзана во последните 5 години. Анализата на сателитски снимки (далечинско набљудување) откри дека во периодот 1984-2020 година Преспанското Езеро изгубило 18,87 км2 од својата површина (6,9 отсто од неговата големина, паѓајќи од 273,38 км2 на 254,51 км2), со пад на волуменот на вода проценет на околу 54 отсто, дури достигнувајќи 56,8 отсто во 2022 година – пишуваат научниците во трудот.

Состојбата е алармантна

Според нив, загрозена е и еколошката состојба на езерото и зголемен е процесот на еутрофикација (процес на прекумерно зголемување на хранливите супстанции во водата, што резултира со интензивен раст на алгите и други растенија н.з.). Целта на студијата е да го сумира моменталното разбирање за трендот на намалување на нивото на водата во езерото и факторите кои придонеле за тоа.

– Езерото е многу чувствително на надворешни влијанија, вклучително и климатските промени, главно ограничени врнежи и зголеменото искористување на водата за наводнување. Важно е дека речиси половина од неговото истекување е преку карстните водоносни слоеви кои го хранат Охридското Езеро. Важно е да се напомене дека хидрологијата, особено хидрогеологијата на сливот не е доволно детално проучена и недостасуваат точни податоци за сегашната состојба, најмногу поради недостаток на координирани истражувања од страна на трите соседни земји. Сепак, неодамнешната процена на водниот биланс на Преспанското Езеро, елаборирана само со разгледување на природните извори на доток (врнежи и речни истекувања) и одлив (испарување и губење на водата преку карстните канали) сугерира негативно салдо од 53 × 106 m3 годишно. Нашата студија нуди и проценета проекција за нивото на водата во иднина во различни климатски сценарија врз основа на модели на линеарна регресија кои предвидуваат нејзино целосно губење пред крајот на сегашниот век – објаснуваат научниците во трудот.

Извор: „Хидрологија“ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Значителното намалување на водостојот на Преспанското Езеро веќе има и ќе има големи последици и во однос на квалитетот на неговата вода, така и на езерскиот слив. Наулниците објаснуваат дека прво, големото намалување на волуменот на езерото ќе доведе до зголемување на концентрациите на загадувачи и ќе ја забрза тековната еутрофикација на Преспанското Езеро; секое зголемување на загадувањето ќе се пренесе во низводните делови од сливот. Веќе има значителен број докази за зголемена концентрација на токсични тешки метали во Преспанското Езеро, наод поврзан со присуството на олово и кадмиум, за кои е потврдено дека се над максимално дозволените концентрации во слатководните сардини (Alburnus spp.) собрани во 2014 година.

– Во однос на содржината на фосфор во водите на Преспанското Езеро, состојбата е алармантна. Откриените тотални концентрации на фосфор (врз основа на збирот на откриените вредности за P2O5-P и PO4-P) го ставија езерото во областа на хипереутрофичните услови, преку земениот примерок во 2012 година. Покрај тоа, се смета дека фосфорот е главна хранлива материја која ги поттикнува забележаните промени во езерските планктонски заедници (цијанобактериска „расцветана вода“) во езерото. Очигледно е дека езерото е под притисок на еутрофикација, примарниот процес кој ги загрозува езерата и резервоарите кои обезбедуваат квалитетна вода за пиење, наводнување, риболов и можности за рекреација – децидни се авторите на трудот.

Во опасност е и Охридското Езеро

Промените во количината и квалитетот на водата ќе влијаат на биодиверзитетот во езерото на сите нивоа. Една таква, лесно видлива промена веќе се случи.

Извор: „Хидрологија“ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Поради намалувањето на нивото на водата во последните децении, мочуришната вегетација (трска и други никнати растенија) прогресивно се шири околу езерото. Исто така, големата промена на водостојот на Преспанското Езеро на многу начини ќе влијае на Охридското Езеро. Преспанското го храни Охридското Езеро преку подземни карстни одводни канали; така, падот на нивото на езерата ќе го намали ова подземно празнење. За возврат, ќе се намали истекот од Охридското Езеро до реката Црн Дрим, единствениот поголем излив на Охридското Езеро. Дополнително, имајќи предвид дека Преспанското Езеро учествува со 50 отсто од вкупниот слив на Охридското Езеро и дека концентрацијата на тотален фосфор на Преспанското Езеро е седум пати поголема отколку во Охридското Езеро, деградацијата на Преспанското Езеро поттикнува огромна загриженост во однос на еутрофикацијата на Охридското Езеро. Во 2006 година, Андреас Мацингер и неговите колеги процениле дека идното четирикратно зголемување на фосфор во Преспанското Езеро ќе доведе до зголемување од 20 отсто на содржината на фосфор во Охридското Езеро, што може да го загрози неговиот кревок екосистем – објаснуваат научниците.

Историски запис и моментална состојба на водостојот на Преспанското Езеро / Извор: „Хидлологија“

Конечно, смалувањето на Преспанското Езеро ќе има значително влијание врз климата на областа. Со оглед на тоа што внатрешните копнени водни тела како што се езерата/акумулациите се однесуваат поинаку од околните земјишта во размената на зрачење и енергија и испарувањето на водата, тие влијаат на локалната, регионалната, па дури и глобалната клима.

Дали ја минавме точката од која нема враќање?

Во трудот пишува дека во последниве години, неколку големи езера во светот исчезнале целосно или речиси целосно: поголемиот дел од површината на Аралското Море и езерото Чад, во двата случаја поради употребата на водите што ги хранеле овие езера. Во случајот со Чад, 11. најголемо езеро во светот, кое се намалило од 25.000 km2 (во 1960-тите) на неговата сегашна големина од околу 1300 km2, се опишани и последиците врз регионалната клима.

Батиметриска карта на денешната состојба на Преспанското Езеро / Извор: „Хидрологија“

– Предвидувањата за Преспанското Езеро се алармантни, а ние како да ја минавме точката од која нема враќање. Ако не се преземат мерки, ова древно езеро и мочуриште од глобално значење целосно ќе исчезнат до крајот на векот. Краткорочни и долгорочни мерки мора да се преземат со ефикасна прекугранична соработка. Прекуграничните води сочинуваат 60 отсто од светската слатка вода, а во оваа ера на зголемен воден стрес, потребен е наднационален, интегриран пристап за управување со прекуграничните водни ресурси, но таквата соработка недостасува во повеќето земји – децидни се научниците.

Според нив, Преспанското Езеро, кое го делат три земји, е добар пример за неуспешна прекугранична соработка и неуспешно управување воопшто, бидејќи се усвоени бројни стратешки документи, но недостига нивната имплементација. Предложените мерки мора да бидат соодветни на заканите.

– На пример, влијанието на климатските промени е тешко да се ублажи, а можеме само да шпекулираме за можноста за користење на блиските водни ресурси за подобрување на нивото на водата на Преспанското Езеро. Дополнително, сегашното влијание на земјоделството и количината на вода што се користи за наводнување треба внимателно да се преиспита во трите крајбрежни земји. Со оглед на огромниот волумен на изгубена вода од Преспанското Езеро поради неговото одводнување низ карсниот водоносен слој, неизбежно е да се размислува за можноста да се интервенира во овој процес за да се намали загубата на вода. Важно е дека комплексноста и итноста на проблемот на Преспанското Езеро бара мултидисциплинарен пристап и амбициозен и брз план за акција – велат научниците.

Линк до трудот.

The post Науката предвидува: Преспанското Езеро целосно ќе пресуши до крајот на 21 век first appeared on УМНО.МК.

Поврзани статии
- Advertisment -
Google search engine

Неодамнешни коментари