Канцерот на дојка е непредвидливо заболување кое може да ù се случи на која било жена во тек на животот
Канцерот на дојки е второто по ред заболување со највисока стапка во Македонија. За ова заболување не постои превентива, бидејќи сè уште е недоволно истражена област. Нo, редовните прегледи и тоа како знаат за спасат живот, вели д-р Маја Стојановиќ-Чрчева, специјалист по радиодијагностика која долги години работи во
Работите како доктор специјалист по радиодијагностика во Центарот за дојка во Скопје. Објаснете ни што подразбира и што сè опфаќа Вашата професија?
– Професијата доктор е една од најубавите, но истовремено и една од најодговорните професии. Во неа се проткаени највозвишени чувства кои треба да ги поседува секој кој избрал да ја практикува. Знаењето и разбирањето на медицинската наука е само еден сегмент.
Д-р Маја Стојановиќ-Чрчева, специјалист по радиодијагностика
Да се биде добар доктор е комплексен и долготраен процес кој бара многу повеќе од знаење. Неопходна е голема љубов кон човекот како битие, високо изразено чувство за емпатија, желба да се помогне. Потребен е топол збор и нежен допир кон човекот што страда. Мојата работа како специјалист по радиодијагностика во Центарот за дојка е насочена примарно во дијагностицирање на болестите на дојка, но не престанува со поставување на дијагнозата. Во мојата секојдневна пракса се обидувам колку што можам повеќе да им бидам достапна на моите пациенти, да им дадам поддршка, правилна насока и соодветен совет во целиот процес на лекување и понатамошни редовни контроли.
Што беше пресудно да одлучите да се занимавате токму со радиодијагностика и тоа токму на дојка? Како дете со голем интерес за биологија, замислувавте ли дека денес толку ова ќе го работите?
– Во процесот на моето градење и созревање како лекар најголемо влијание имаа тројца доктори и една медицинска сестра . Родена сум како второ од трите деца во нашето семејство. Моите родители беа здравствени работници, татко ми беше доктор, а мајка ми медицинска сестра. Вратата на нашиот дом беше секогаш отворена за сите што имаа некаков проблем. Многу често испивајќи го попладневното кафе моите родители си споделуваа случаи од нивната пракса. Со восхит го гледав нивното задоволство од секој успешно решен случај, но и почитувањето од луѓето на кои им помагаа.
Д-р Маја Стојановиќ-Чрчева со татка си
Како што растев, така растеше и мојот интерес за медицината. Се запишав на Медицинскиот факултет во Пловдив, Бугарија и бев пресреќна што конечно и јас учествувам во попладневните кафиња со долги разговори на кои ги дискутиравме интересните случаи. Домашната библиотека со големите медицински книги на татко ми кон кои имаше голема страст стануваше сè поголема, веќе збогатена и со моите книги кои ги совладував со големо љубопитство и ентузијазам. По дипломирањето се вратив дома и додека траеше административната процедура за нострификација на дипломата, започнав да волонтирам на Институтот за радиологија во Скопје. Големо влијание на мојот избор на специјализација имаше проф. д-р Миодраг Врчаковски чија љубов кон радиодијагностиката беше заразна и успеа да ми ја пренесе со голема леснотија. За време на целата специјализација уживав во стекнувањето на нови знаења од оваа исклучително важна и интересна специјалност која не случајно се нарекува „окото на медицината“.
По завршување на специјализацијата се вработив во Центар за дојка. За мене тоа беше еден сосема нов предизвик. Заедно растевме јас и центарот. Следеше период на многу едукативни престои во врвни медицински установи кои ја поседуваа адекватната апаратура, во тоа време најсовремена и присутна само кај нас во целиот Балкански Регион. Моето ново работно место имаше сосема поинакви специфики од сè претходно и бараше совладување на многу нови работни, но и карактерни вештини. Од моето вработување во Центар за дојка до денес, мојата најголема поткрепа е проф. д-р Снежана Смичкоска која е моја инспирација и пример за доктор во најубавата смисла на зборот. Доктор кој постојано се надградува и ги прати сите нови трендови и достигнувања во својата специјалност, со максимална посветеност кон своите пациенти. Со нејзина помош трпеливо ги сложувам коцките на мозаикот кој сè уште не е завршен.
Со родителите, по дипломирањето
Кое карциномно заболување денес е со највисока стапка и што велат бројките за Македонија?
– Во Македонија од малигните заболувања кај целата популација најголем е бројот на заболени со канцер на бели дробови, на второ место е канцер на дојка.
Дали ова заболување ексклузивно се појавува кај жени или ниту мажите не се поштедени? Кои се основните разлики во карцином на дојка кај жени и мажи и каква е процентуалната застапеност во Македонија?
– Канцерот на дојка е најчестото малигно заболување кај жените, а воедно и водечка причина за смрт кај жени на возраст од 50 до 60 години. Ниту мажите не се поштедени од оваа болест, но во многу помал процент на застапеност кој изнесува околу 1 отсто. Заради оваа мала инциденца мажите не подложат на скрининг прегледи, но важно е да бидат информирани дека доколку почувствуваат некаква тегоба треба да направат преглед. Најчесто кај мажите се јавува на возраст од 55 до 65 години, околу десетина години подоцна отколку кај жените. Дијагностичките и терапевтските методи се исти кај двата пола.
Често слушаме дека спасот е во редовните скрининг прегледи. Во која фаза заболувањето може „да се фати“ и исходот да не биде смртоносен? И во оваа смисла кога една девојка/жена треба да почне со следење на состојбите, со каква динамика и во која возраст препорачувате прегледи?
– Редовните годишни прегледи на дојка по навршување на определена возраст ни помагаат доколку имаме канцер, тој да биде откриен пред да почувствуваме каков било симптом, додека сè уште е со многу мали димензии и нема проширеност во соседните или далечните органи. Кога канцерот на дојка се детектира во оваа фаза, лекувањето во многу висок процент е успешно, односно жената доживува длабока старост без понатамошни проблеми од таа болест.
Во Центар за дојка
Основен и најсензитивен имиџинг метод за рано откривање на канцер на дојка е мамографијата. Кај здрави асимптоматски жени се препорачува со мамографски прегледи да се започне со навршени 40 години на интервал од две години. Со ехосонографски преглед на дојки се започнува од 30 годишна возраст, во интервал од една година. Претходно уште од 20 годишна возраст пожелно е да се практикува месечен самопреглед со цел што подобро да ја запознаеме структурата на нашите дојки и да станеме свесни за важноста на редовните прегледи. Важно е да се напомене дека ова се општи препораки кои се однесуваат на здрави жени кои немаат никакви дополнителни фактори кои го зголемуваат ризикот од ова заболување. Кон секоја една пациентка треба да се има индивидуален пристап и во зависност од застапеноста на ризик-факторите докторот кој го прави прегледот може да даде препорака за прегледи на порана возраст или во различни интервали од оние кои ги споменав.
Какви се возрасните граници на заболувања од карцином на дојка? Каков е просекот, колку години има Вашата најмлада, а колку Вашата најстара пациентка?
– Канцерот на дојка во најголем процент се јавува на возраст од 45 до 55 години. Сепак имаме и многу повозрасни, но и многу помлади пациентки. Во последните години постои светски тренд на сè поголемо намалување на возрасната граница. Во нашата ординација најмладата пациентка со дијагностициран канцер на дојка е на возраст од 18 години, а најстарата пациентка има 90 години.
Во поставувањето на дијагноза на време, што има поголема улога – квалитетот на машината или окото на докторот? Или едно без друго не може?
– Секако дека и двете работи се важни, меѓусебно поврзани. Квалитетните апарати ни овозможуваат подетален и појасен приказ на ткивото на дојките што ни е од исклучителна важност, бидејќи нашата задача е да откриваме колку што може помали промени. Од друга страна може да располагаме со најсовремен апарат, но доколку докторот нема „добро око“ и не ја воочи промената или пак доколку погрешно ја протолкува – залудни се можностите на апаратот. Неопходна е комбинација од двата елемента за да имаме квалитетен преглед и точна дијагноза.
Од Вашето досегашно искуство како човек, не како лекар, како да се заштитиме од овие најстрашни болести? Намалување на стресот, здрава исхрана, поминување на време во природа, почесто смеење можеби?
– Канцерот на дојка е непредвидливо заболување кое може да ù се случи на која било жена во тек на животот. Со самото тоа што сè уште не ја знаеме конкретната причина за создавање на оваа болест – немаме ниту конкретен начин за сто процентна заштита. Сепак постојат некои работи кои можеме да ги направиме самите за себе и на тој начин да го намалиме ризикот. Го споменавте стресот, тој е наш голем непријател, но сепак е дел од животот на секој еден поединец и нема како да го избегнеме. Сметам дека поважно е да научиме како подобро да го менаџираме и полесно да се справуваме со него.
Здравите животни навики, одржувањето на соодветна телесна тежина, редовната физичка активност и можеби најмногу од сè – позитивната психолошка состојба ни се главни сојузници за одржување на добар имунитет. Да не за боравиме да се радуваме на малите нешта, да негуваме позитивни емоции кон семејството и пријателите и секој ден од животот да го прифатиме како еден подарок во кој треба да уживаме.
Каков е односот на младите кон превентивните прегледи? Особено во време кога сите информации им се многу достапни. Дали доаѓаат редовно, колку се свесни за нивното значење? И што би им порачале во однос на значењето на редовните скрининг прегледи?
– Достапноста на информациите преку медиумите има големо позитивно влијание на помладата популација која, според мене е поодговорна за своето здравје и полесно го прифаќа концептот за скрининг прегледи, односно периодични прегледи на определен интервал без да имаме никаков симптом. Нашата статистика од Центар за дојка ни говори за еден тренд на постепено зголемување на процентот на пациентки кои се јавиле на скрининг преглед во однос на оние кои дошле на преглед заради веќе постоечки проблем. Патот е долг, имаме уште многу за чекорење, но сметам дека се движиме во правилна насока што е од исклучително голема важност бидејќи навремената дијагноза спасува животи.
The post Мојата најмлада пациентка со рак на дојки има 19 години, најстарата има 90, вели д-р Маја Стојановиќ-Чрчева first appeared on УМНО.МК.