Пет лица се уапсени во Шпанија кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата, се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека започнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во „комерцијални проекти“.
„Успеавме да пронајдеме, блокираме и вратиме 85.000 евра од вкупниот износ на украдени пари од две жртви“, се вели во соопштението на шпанската цивилна гарда.
Полицијата извршила пет претреси во куќи и запленила неколку мобилни телефони, банкарски картички, припејд телефонски картички, два персонални компјутери и документи, меѓу кои и дневник, во кој имало фрази што измамниците ги користеле за да ги измамат своите жртви.
Акцијата „Бралина“ започна во август 2023 година, кога една жена пријавила дека и се украдени 175.000 евра. Како резултат на истрагата, агентите откриле дека има уште една жртва во провинцијата Бискеј, која исто така била измамена со истиот метод.
Сајбер-криминалците, за да ги намамат жртвите, претходно ги проучувале нивните социјални мрежи и направиле психолошки профил, кој открил дека и двете жени се ранливи, со емоционални слабости и во депресивна состојба.
Преку платформите за инстант пораки, тие ги убедувале жртвите дека се забавуваат со самиот Бред Пит, кој им ветил романтична врска и заедничка иднина.
Кога степенот на доверба меѓу измамниците и жртвите бил на највисоко ниво, лажниот актер им предложил да инвестираат со него во разни комерцијални проекти. Двете жртви направиле бројни трансфери на пари додека не откриле дека биле измамени и го пријавиле случајот во полиција.
Акцијата беше спроведена во провинциите Алмерија, Малага, Бискеј, Барселона, Гранада, Мадрид, Хуелва и Севиља.
Цивилната гарда откри дека сајбер-криминалците создале мрежа на банкарски сметки регистрирани со фалсификувани документи на луѓе од африканска националност како Нигерија, Гана, Сенегал и Сиера Леоне, во кои биле примани пари со измама.
Во текот на истрагата, истражителите откриле и дека синот на жртвата од Гранада со банкарската картичка на неговата мајка дал три лажни пријави и од неа украл 17.000 евра, поради што е уапсен.
Полицијата исклучува дека синот има некаква врска со разбиената криминална организација.
Организацијата е обвинета за измама, перење пари, фалсификување документи и членство во криминална група.