Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека верува оти војната во Украина би почнала порано и веројатно ќе беше полоша доколку Киев го почнеше патот кон членство во НАТО во 2008 година.
„Ќе гледавме воен конфликт и порано. Мене ми беше сосема јасно дека претседателот Путин нема да стои со скрстени раце и да гледа како Украина му се приклучува на НАТО. И тогаш Украина како земја сигурно нема да биде подготвена како во февруари 2022 година“, изјави таа за Би-би-си.
Во интервју, откога се повлече од политиката пред три години, Меркел изрази загриженост поради обновените закани на Путин за употреба на нуклеарно оружје.
„Мораме да направиме сè што е можно за да ја спречиме употребата на нуклеарно оружје. За среќа, Кина неодамна зборуваше за тоа. Не треба да нè парализира стравот, но мора да признаеме дека Русија е најголемата или, веднаш до САД, една од двете најголеми нуклеарни сили во светот. Потенцијалот е застрашувачки“, предупреди поранешната германска канцеларка.
Таа изјави дека за време на нејзиниот мандат направила сè што е во нејзина моќ за да обезбеди мирни средства за соработка со Русија и дека Путин ја почнал инвазијата на Украина само неколку месеци откако таа ја напуштила функцијата.
Би-би-си наведува дека за време на владата на Меркел, Германија и нејзините големи индустрии станале зависни од Москва, а Германија изградила два гасовода директно поврзани со Русија, пренесува „Танјуг“.
Меркел објасни дека има два мотива во однос на гасоводите: германски бизнис-интереси, но и одржување мирни односи со Русија.
Таа додаде дека се обидела да ги спречи руските напади врз Украина користејќи дипломатија и преговори, кои, како што рече, „на крајот не успеале“.
„За жал, по целосната инвазија на Украина, почна нова ера во односите на Европа со Русија“, нагласи германската канцеларка.
Текстот Меркел: Војната во Украина ќе почнеше порано доколку Киев влезеше во НАТО во 2008 година е превземен од МАКФАКС.