Марко Гутиќ Мижимаков е добитник на наградата „Денес“ за кусиот уметнички филм „Лов на змејки“

Марко Гутиќ Мижимаков е добитник на наградата „Денес“ за кусиот уметнички филм „Лов на змејки“

Марко Гутиќ Мижимаков за кусиот уметнички филм „Лов на змејки“ е добитник на нaградата „Денес“, којашто се доделува на млад визуелен уметник до 35 години, на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид во земјава. Годинава наградата се доделува по 18. пат, а се  состои од двомесечен престој во „Residency Unlimited“, во Њујорк, во периодот август-септември 2025 година.

Жирито за наградата беше составено од: Ксенија Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште „Art Students League“ од Њујорк, САД, Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“, во Србија во 2023, и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Македонија и претседателка на АИКА – Македонија

„Делото на Марко значително се истакна, начинот на кој тој ја ситуира својата уметничка практика, односно начинот на кој ја преведува својата индивидуалност во општеството, користејќи автентични уметнички и концептуални решенија. Движејќи се низ исклучително сложениот систем на референци што ги црпи од литературата, музиката, науката, кореографијата, технологијата, соработката и екологијата, тој создава хибридни уметнички форми и шпекулативни наративи, кои се спротивставуваат на сè уште доминантната анти-квир парадигма. Иако неговата практика се потпира на различни симболички и референтни системи, тие не се појавуваат како самодоволни, туку се целосно функционални во рамките на неговата специфична уметничка поетика, која генерира привлечен визуелен јазик и политички потенцијал. Политиката на неговата работа е сместена во суптилностите на неговиот уметнички јазик, кој ве заведува преку разговори за телото, телесните политики и социјалниот статус на поединецот“, стои во одлуката на жири-комисијата.

Другите двајца финалисти беа младите уметници Јован Јосифовски и Ивана Самандова. Јосифовски ќе добие едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, во мај 2025, и самостојна изложба во просторот, а на уметницата Ивана Самандова ќе ѝ биде овозможено да има самостојна изложба во Скопје следната година.

Изложбата на овие тројца уметници ќе може да се погледне во националната галерија „Мала станица“ до 28 ноември.

Exit mobile version