Големото гламурозно финале на патриотскиот музички проект на 7 декември во македонската метропола!
„Македонијо, во срце те носиме“ е голема македонска патриотско-музичка приказна која трае близу две години, а ќе биде официјално и гламурозно завршена на 7 декември оваа година, со навистина голем свечен концерт во Скопје. Организаторите „скромно“ најавуваат нешто што ќе остане за долго време во мислите на секој Македонец.
Концертот нема да биде колку да има концерт, туку темелно и осмислено се подготвува за да блесне во сиот свој сјај.
Закажан е во големата сала на „Македонската филхармонија“, а ќе го снима Македонската телевизија и ќе биде одложено емитуван во некое соодветно време, најверојатно за некој од идните празници кои ни доаѓаат во текот на зимата. Концертот ќе го одбележи настапот и на Голем симфониски оркестар од 50 музичари под диригентската палка на Сашо Татарчевски, а кој ќе ги прати сите пејачи на сцената.
По повод завршниот концерт „Македонијо, во срце те носиме“, на завчерашната прес-конференција присуствуваа огромен број новинари што е самото по себе доказ за голем интерес кој владее во медиумите, а без медиумите, како што нагласи јасно и гласно пејачката Бојана Скендеровски, нема ништо!
Така да целиот проект е многу сериозно направен, во чии рамки до сега се одржани 18 концерти низ Македонија (и еден во дијаспората), а на кои според неофицијална проценка присуствуваа над 50 илјади луѓе, кои се како што се вели гладни за македонската патриотска песна. Тоа што ќе биде најново на концертот на 7 декември е дека освен веќе добро познатите 12 успешни преработки на патриотски песни, („Земјо Македонска“ , „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Заветна“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“….), публиката ќе има можност на сцената да види и чуе уште три нови, преубави песни.
За кои нумери станува збор и кој ќе ги отпее, ќе се види и слушне на самата гламурозна вечер на сцената на Филхармонијата. Промени во однос на пејачи-учесници нема да има, па така на сцената на македонската метропола меѓу многу други, пак ќе пеат и воодушевуваат: Сузана Спасовска, Ламбе Алабаковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, Наум Петрески, Александар Тарабунов, „ДНК“, Марија Спасовска, Андријана Јаневска….а, свечено облечени!
–
Маестрото Николче Мицевски ги потпишува сите преработки, а овој пат ќе биде задолжен и за оркестрациите. Сите учесници се едногласни кога се во прашање впечатоците за карванот „Македонијо, во срце те носиме“ со кој ја пропатуваа Македонија од сите четири страни, север, југ, исток и запад.
И насекаде еуфорија, пеење, радост, насмевки и секако солзи радосници. Пејачката Бојана Скендеровски, една од носители на проектот, но и одлична интерпретаторка на неофицијалната македонска химна „Заветна“, вели дека е „пресреќна што успеа да го реализира сето тоа со нејзината „Скендеровски-продукција“, онака како што сè беше замислено“.
-На песните им го продолживме векот, им дадовме свој печат со своето музичко искуство, нашиот музички талент, нашето пеење, како и дел од нашите души, вели среќната Бојана. Таа, воедно, му се заблагодари на министерот за култура Зоран Љутков, кој ја обезбеди салата на „Македонската филхармонија“ без паричен надоместок. И што е секако многу важно и најважно, тоа дека сите средства од продажбата на влезниците ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Дуле Н. Миќиќ