дома КУЛТУРА Кој се пресме...

Кој се пресметува со пиштоли на скопските улици?!

Кој се пресметува со пиштоли на скопските улици?!

Скопјаните завчера легнаа со веста дека во населбата Ченто се случи престрелка и дека едно лице е тешко повредено, а веќе вчераутро се разбудија со нова вест за уште една престрелка, овој пат кај „Мавровка“, во која едно лице е убиено. Што се случува, кој се пресметува со оружје среде Скопје?

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера во СВР Скопје било пријавено убиство на паркинг-простор пред трговски центар Мавровка, при што со огнено оружје е застрелано едно лице кое им подлегнало на повредите.  Како што соопшти полицијата по преземените оперативно-тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и возила уапсени се две лица, а по уште едно, до затворањето на весникот се трагаше. Во акцијата биле вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови, соопшти МВР.

  • – На подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода, соопшти МВР од каде што појаснуваат дека  при преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице. На полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице, кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање. Од тие причини како што извести МВР, вчера попладне во некои делови од Скопје  имаше зголемено полициско присуство.  Очевидци велат дека напаѓачите пукале во жртвата, дека од неговиот автомобил одзеле повеќе предмети и избегале. -Лицето кое е убиено ,  е приватник. Лажна беше веста дека тој е адвокат. Истрагата за убиството се уште трае, велат од МВР за МИА.

Престрелката кај „Мавровка“ се случи за неполни 12  часа, откако завчеравечер едно лице е повредено во пукање што се случило во скопската населба Ченто.

Според информациите од МВР оваа престрелка се случила на булевар „Александар Македонски“, кога од  патничко возило во движење било пукано во патничко возило „пасат” со австриски регистарски ознаки.

-Притоа со повреди се здобило едно лице кое е пренесено во Клинички центар, соопшти МВР.

Опозициската СДСМ обвини граѓаните се чувствуваат небезбедно, и се вознемирени бидејќи за неполни 24 часа се случија две престрелки. Со реакција се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ:

-ВМРО-ДПМНЕ стави ред во безредието. Спасовски и СДС 8 години дозволија мафијашките банди толку да зајакнат што буквално се препукуваат низ Скопје. Владата на ВМРО-ДПМНЕ почна со санкционирање и институциите постапуваат побрзо од кога и да е. Мафијашките банди повеќе ја немаат заштита во институциите, како што го имаа во времето на Спасовски. Институциите работат засилено и безбедноста ќе биде на повисоко ниво од време на СДС, стои во реакцијата ВМРО-ДПМНЕ.

Exit mobile version