Вечерва во Социјален центар Дуња во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе можете да ги проследите концертите на JUNAÏT и ХАНА КОРНЕТИ.
JUNAÏT се германско трио составено од: Клара Вигер (кларинет / бас кларинет), Каролине Колдиц (гитара) и Лин Хартфил (контрабас).
Свират комплексна музика, во која се слуша блиско-источен фолклор покрај авангарден експресионизам, камерен џез покрај современ класичен израз, зацртани аранжмани покрај слободно импровизирани – се ова во спонтани и игриви концертни изведби. Ова им е второ гостување во Македонија, каде во моментов работат на својот деби албум.
ХАНА КОРНЕТИ е музичарка од Скопје. Во формат на поет-раскажувач пишува и изведува микрокосмички минијатури. Во описот за нејзиниот деби албум „Голи песни“ (Шарла, 2023) нејзиниот музички соработник Давид Ангелевски ќе напише: „Нејзиното форте е шармот, искреноста, но и вештината да ги претвори книжевните вибрации во музички далги од мелодии и сеќавања, звуци и воздишки кои лесно ќе ве вовлечат во нејзиниот имагинариум. Да не ви се излегува. Првокласен е раскажувач, заводливо е игрива, но и политички гласна кога ќе препознае неправда, а ги има, нели?“
Влез: препорачана донација од 150 денари за уметниците.
The post Концерти на JUNAÏT и ХАНА КОРНЕТИ вечерва во СЦ Дуња appeared first on ekran.