Козјата чума нема да го запре производството на фета сирење, рекоа грчките фармери, бидејќи производителите инсистираат дека имаат доволно млеко и покрај тоа што илјадници животни се убиени од вирусот.
Фармерите негираа дека епидемијата на чума на кози и овци сериозно ќе влијае на производството на фета, пренесува Гардијан.
Висок функционер на здружението на сточари, Христос Копанос, рече дека досега се убиени околу 9.000 грла поради епидемијата, но дека Грција има 14 милиони кози и овци, повеќе од која било друга земја на ЕУ.
Тој додаде дека годинава ќе се произведат 120.000 тони фета, а млеко има доволно бидејќи надлежните брзо реагирале на ваквата состојба.
Козjата чума во Грција беше откриена минатиот месец, а владата воведе привремена забрана за движење или колење на овци и кози.
Од чумата беа погодени 22 фарми, најмногу во централна Грција, пренесува Ројтерс.
Вирусот не ги инфицира луѓето, но е многу заразен меѓу козите и овците и може да убие до 70 проценти од заразените животни.
Кога ќе се открие случај на чума, потребно е да се убијат сите животни на фармата, која потоа се дезинфицира, а властите ги тестираат животните во блиските области за болеста, во согласност со протоколите на ЕУ.
Грчките власти ги засилија контролните мерки по избувнувањето на епидемијата, а досега се тестирани 200.000 грла.
PPR првпат беше откриена во Брегот на Слоновата Коска во 1942 година и оттогаш се прошири во други африкански земји, како и во Азија и Европа.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации проценува дека болеста предизвикува загуби до 2,1 милијарди долари на глобално ниво секоја година.