Премиерлигашот Арсенал ја доби борбата за потписот на италијанскиот дефанзивец Рикардо Калафиори, кој и официјално потпиша за „топчиите“.
Репрезентативецот на „аѕурите“ изјави на Европското првенство дека преселбата во Лондон е дефинитивно намера, а воедно и Болоња се офајди, заработувајќи 45 милиони евра од овој трансфер.
Но, само еден ден подоцна, Калафиори откри кој е главниот виновник за неговата преселба во Лондон. Тоа е неговиот репрезентативен соиграч, Жоржињо, кој, исто така, ги брани боите на Арсенал.
- Веќе имав одлучено дека сакам да дојдам во Арсенал, но и Жоржињо влијаеше да добијам што е можно подобар впечаток и побрзо да го реализирам трансферот. Ми кажа дека ќе уживам во тоа, како и дека моите соиграчи и другите членови на клубот се горди за овој трансфер – изјави дефанзивецот.
Калафиори има одлична сезона зад себе, во Болоња, која под водство на сега веќе екстренерот, Тијаго Мота, обезбеди пласман во Лигата на шампионите.
Претходното лето, во Болоња пристигна од Базел, а играше и за матичниот клуб – Рома, како и за Џенова.