дома КУЛТУРА Сцена Интервју со С...

Интервју со Стефче Стојковски: Огромна е улогата на македонската изворна музика во зачувувањето на нашиот идентитет, музиката е таа која го одржала македонскиот културен идентитет и таа е столбот на нашето битие

Интервју со Стефче Стојковски: Огромна е улогата на македонската изворна музика во зачувувањето на нашиот идентитет, музиката е таа која го одржала македонскиот културен идентитет и таа е столбот на нашето битие

Стефче Стојковски е наш познат мултиниструменталист. Чувар на македонската традиција и борец за зачувување на културниот идентитет. Од мали нозе почнува да свири, најпрво на кавал за да во понатамошната кариера успее да совлада повеќе од 10 традиционални македонски инструменти. Основач е на Ансамблот „Стефче Стојковски“, кој неодамна го прослави својот јубилеј – 25 години постоење. Има импозантно творештво зад себе, 21 издаден албум и бележи настапи во преку 40 земји во светот. Поразговаравме на многу интересни теми, а вие прочитајте што маестро Стефче Стојковски изјави за читателите на Екран.

Кога кај вас се роди љубовта кон традиционалната македонска музика, од кого го наследивте талентот за музика и што беше пресудно да почнете да свирите на традиционални инструменти?

  • Љубовта се роди уште на 5-6 годишна возраст, кога мојот дедо ми правеше свирки од врба, но исто така ми направи и мало кавалче на кое започнав да учам да свирам и таа љубов ја наследив од дедо ми и од татко ми. Свирењето на изворни инструменти е долговековна традиција во моето семејство која се пренесува од колено на колено, од генерација на генерација. Пресудно во мојата определба да се занимавам со музика беше моето освоено прво место на републичкиот фестивал во Долнени на 7 годишна возраст.

Како започна вашето музичко патување и дали имало некои конкретни музичари и ментори кои влијаеле врз вашиот развој како музичар?

  • Првите ментори ми беа токму моите дедо и татко, кои не беа професионални музичари и двајцата беа доктори, но од нив започна мојот развој и понатамошно усовршување и откривање на тајните на инструментите. Понатаму имав среќа да запознаам врвни мајстори, професионални инстрименталисти на кавал од МРТ, Миле Коларовски, Никола Цветковски, Ангеле Димовски, Драган Анчевски, Борис Грујовски и многу други одлични инструменталисти аматери.

Тапан, шупелка, дудук, гајда зурла, тамбура, кавал, кемане, гајда се само дел од инструментите на кои свирите и секој од нив има уникатно звучно и културно значење. Дали може да издвоите еден инструмент кој според вас најмногу ја опишува нашата традиционална музика и кој од овие инструменти на кои свирите најмногу ви „лежи“?

  • Навистина неможам да направам посебно одвојување или издвојување за некој инструмент, бидејќи сите наши инструменти се нераскинлива врска со нашиот културен ентитет и секој регион , секој крај, град, село си има своја музичка карактеристика и специфика…. Сите инструменти ги свирам со огромна љубов и не можам да издвојам ниту еден и кога тие се во моите раце тогаш ја осознавам и ја читам нашата музичка духовна историја на македонскиот идентитет.

Како ги одржувате и негувате вашите инструменти особено гајдата, која е позната по својата сложена конструкција?

  • Сите инструменти си бараат одржување, и гајдата која треба да се конзервира, да се мачка кожата со креми кои и даваат вискозитет и и го продолжуваат векот од прилика две години…

Како мултиинструменталист, како пристапувате кон композицијата и аранжманот на музиката?

  • Кога станува збор за изворната музика многу треба да се внимава и да се пази да не се изгуби формата која за жал со новите обработки се скрнават убавите македонски песни, текстови, мелодии, се додаваат разноразни туѓи примеси и сето тоа е голем кич-или вештачко ѓубриво. Мојот пристап е крајно сериозен и со ограмна почит кон народниот гениј, а и јас тоа што ќе го создадам, внимавам да не ја изгуби музичката генеза, тоа некако природно си доаѓа од севишниот и слава на Бога, се надевам дека тоа звучи возвишено, тоа најдлабоко допира до чувствата, а впрочем и аудиториумот тоа го потврдува со убави реакции.

Дали се фокусирате на еден инструмент во исто време или ги интегрирате сите од самиот почеток?

  • Во зависност од изразувањето и што всушност сакам да кажам преку музиката го одредувам начинот на тоа што некоја композиција или дело ќе содржи и како тоа ќе изгледа, да звучи што велиме.

Македонската народна музика се пренесува низ генерации. Како гледате на зачувувањето на овие традиции во дигиталната ера? Дали користите технологија за споделување на вашата музика?

  • Јас воопшто не се разбирам од новите технологии и новата ера во која оди музиката, но можам со сигурност да кажам дека сега може да станете пеач/ка само со убав изглед или со пари, но не и со дарба и со глас, затоа велам дека музиката и музицирањето отиде… Новата технолошка музичка ера е голема лага и привид на вистинското, но некако сме присилени и мора да се движиме во тој правец и да се трудиме да ја зачуваме традицијата на тој начин. Јас ангажирам луѓе кои ја споделуваат мојата музика на електронски платформи и на канали.

Како истакната личност во македонската музика, како ја гледате иднината на традиционалната музика во нашата земја?

  • Ме радува фактот што се повеќе млади генерации свират играат и пеат изворна традиционална музика посебно во образовните институции.. Тоа значи дека има иднина да ја зачуваме традиционалната музика, но не смееме да направиме копи пејст кадри.

Каква улога игра македонската народна музика во зачувувањето на културниот идентитет?

  • Огромна е улогата на македонската изворна музика во зачувувањето на нашиот идентитет. Музиката е таа која го одржала македонскиот културен идентитет и таа е столбот на нашето битие.

Што ве поттикна да го формирате Ансамблот на народни инструменти и песни “Стефче Стојковски”?

  • Потикот да се основа ансамбл е долгогодишна идеја на моите татко и дедо, ансамбл од типот на Стево Теодосиевки, Кочо Петровски, Пеце Атанасовски, таа идеја постојано ја разговаравме и ја анализиравме. Сакавме да направиме репрезентативен Ансамбл, од типот на фудбалска репрезентација, да се соберат инструменталисти и вокални интерпретатори од цела етничка Македонија. Преку музиката, ората, песната играта да се поврзе и да се обедини, нераскинливото ткиво на македонскиот народ од сите делови на Македонија, Пирин, Егеј, Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Пчињскиот регион. Тоа е таа идеја за репрезентативен ансамбл која се покажа како успешна и не одржа 25 години, а верувам дека и во иднина.

Неодамна прославивте 25 години од неговото основање. Како сте задоволни од работата на Ансамблот до сега?

  • Прославивме 25 години со Ансамблот, задоволен сум што во ансамблот продефилерираа повеќе од 80 членови и сите тие дадоа свој допринос во развојот на Ансамблот, сите тие надоградија, ставија едно камче во мозаикот од изворна народна музика во овие 25 години. Преку музиката оставивме дела и напишавме трајни вредности во македонската музичка историја.

Имате организирано и одржано преку 100 семинари за традиционална музика. Каков е интересот за овие семинари и што се можат да научат учесниците на овие семинари?

  • Имаме организирано повеќе од 200 семинари во Македонија и ширум светот. Тоа се воглавно семинари за странци кои се интересираат за македонскиот изворен фолклор. На семинарите во Македонија имаме донесено повеќе од 800 странци кои изучуваат македонски игри, песни и инструменти. Не само фолклорот, тие го запознаваат и нашиот македонски историски слоевит континуитет на нашето милениумско постоење. Кога ќе се вратат во нивните матични држави тие тоа го раскажуваат и тоа е уште поголема афирмација и презентација на Македонија. Се радуваме и се воодушевуваме на тоа што тие секогаш се воодушевуваат на нашата традиција.

Сте настапувале во различни постави и сте имале огромен број на настапи кај нас и во странство. Каков е интересот за македонската народна музика во регионот и на меѓународно ниво?

  • Интересот за македонската музика во светски рамки е огромно и тоа се потврдува што на разни музички настани ширум светот многу поединци, групи или ансамбли го практикуваат со македонски песни, ора и инструменти.

Дали има интерес кај младите генерации да се занимаваат со традиционална музика?

  • Да, кај младите во последните 10 години се појавува се поголем интерес за традиционалната музика и веќе станува помодарство. Младите почнуваат да свират народни инструменти, завршуваат соодветно образование по фолклор, но со самото тоа тие не се фолклорни и традиционални уметници. Традицијата треба да се живее, треба да се почувствува и сензитивно да се негува низ целиот уметнички живот. Со четири годишно или осум до десет годишно образование не се станува традиционален, фолклорен уметник. За секоја уметност, треба да се има вроден дар за негување и растење со истата.

Што според вас треба да се направи за да се доближи традицијата до младите?

  • За да се доближи традицијата до младите, пред се таа треба да се гледа со љубов, а не со потценување. Традицијата залужува респект и така треба кон неа да се пристапува. Од мала возраст кај децата треба да постои запознавање со традиционалната музика низ воспитно образовниот процес и со самото тоа да се роди интерес и љубов кон сопствената традиција и култура. Понатаму секој ќе се пронајде доколку искрено го сака и го носи во себе талентот и основата за развој и негување на сопствениот фолкор.

Како и каде ја гледате иднината на традиционалната музика и дали вие конкретно имате наследник кој ќе ја продолжи оваа ваша мисија?

  • Иднината кон традиционалната музика ако воопшто останало нешто од исконското и старото што безрезервно се наоѓаше меѓу нашите предци во селските средини, го гледам токму во враќањето кон овие средини и поголема ажурност да се зачува и да се архивира се она што луѓето од овие средини го поседуваат. Основата е таа, мора да се зачуваат темелите сигурни како не би се распадало се во неповрат.
    Да, јас имам свој наследник кој ја продолжува семејната традиција, но во која насока ќе се равива ќе покаже времето.

Каков совет би им дале на младите музичари кои се заинтересирани за зачувување и промовирање на традиционалната македонска музика?

  • Младите музичари неопходно е многу да слушаат изворна музика, да одат на терен и самостојно да истражуваат и да архивираат изворни, автентични мелодии и песни. Посветено да работат кон промовирање на македонскиот традиционален фолклор, со што јасно ќе можат да направат разлика меѓу она што се промовира и она што навистина е традиционална музика.

Имате благородна мисија да ја ширите традиционалната музика до помладата генерација. Како да се доближи фолклорот до младите генерации за да не ги заборавиме своите корени? Дали тоа треба да се направи преку образовниот процес уште во најраната возраст и колку е ова важно во изградувањето на една личност и во подигањето на културата во нашето општество?

  • Да, претходно напоменав дека традицијата секако треба да започне да се промовира кај децата уште од
    најмалата возраст, преку воспитно образовниот процес и секако сметам дека ќе влијае во некој сегмент од градење на личноста кај младите со што ќе се подигне и културата во нашето општество, особено во фолклорната сфера.

Дали би одвоиле некој момент од вашата кариера на кој сте особено горд? Што би издвоиле како најнезаборавна изведба или проект?

  • Како посебни моменти од мојата кариера би го издвоил добивањето на наградата од УНЕСКО на Р.Кореја, светските фестивали за изворна музика, предавањата на светски универзитети и најважно почитта и големиот број познанства и пријатели од целиот свет. Јубилејниот 25 годишен концерт на Ансамблот, кој што се одржаа на 21 октомври 2024 година, во големата сала на Филхармонија иако најсвеж, сметам дека ќе остане како еден од моите најнезаборавни и најдобро организирани проекти.

На кои проекти работите моментално и што може да очекуваат вашите обожаватели од вас во блиска иднина?

  • Моментално сакам да ја презентирам македонската музика на голем број добронамерници и верници кои за време на празниците ги посетуваат македонските манастири, во различни региони од Македонија, со што би се овозможиле мои настапи на денот на соодветниот празник. Доколку се оствари оваа моја идеја би бил многу благодарен. Обожавателите можеби ќе уживаат и во некое ново музичко издание.

The post Интервју со Стефче Стојковски: Огромна е улогата на македонската изворна музика во зачувувањето на нашиот идентитет, музиката е таа која го одржала македонскиот културен идентитет и таа е столбот на нашето битие appeared first on ekran.

Exit mobile version