back to top
2.8 C
Skopje
11.01.2025
Google search engine
домаКУЛТУРАСценаИнтервју со н...

Интервју со нашата најперспективна млада гитаристка Александра Кировска: Преку класичната гитара ја пренесувам мојата емотивна страна, а преку електричната темпераментот

Екран секогаш се залага за промоција на младите артисти и уметници. Се радуваме на сите нивни успеси и се надеваме дека токму тие ќе бидат предводници на промените кои ќе го направат нашето општество подобро и ќе ја издигнат културата и уметноста на висините на кои треба да бидат. Овој пат имавме чест да поразговараме со една од најперспективните млади гитаристки на македонската сцена- Александра Кировска. Потекнува од музичко семејство, а гитара свири повеќе од 10 години. Има завршено основно и средно музичко образование по гитара, а од годинава е дипломиран класичен гитарист. Бележи многу солистички концерти во земјата и во странство. Има и свои композиции, кои можеби ќе ги објави наскоро. За сето ова и на многу други интересни теми, разговаравме со Александра и добивме интересни одговори. Уживајте во интервјуто подолу.

Кога кај тебе се роди љубовта кон музиката, дали таа љубов ти беше пренесена од домот во најраната возраст и како дојде до тоа да ја избереш гитарата како твој инструмент?

  • Љубовта кон музиката секако дека е родена од најрана возраст. Иако потекнувам од музичко семејство и првично татко ми е виолинист а мајка ми пијанистка никогаш не изразив желба да ги свирам нивните инструменти. Имав само 3 години кога ја погледнав гитарата ,кога на телевизија гледав настап на познат класичен гитарист и од тој миг знаев дека таа ќе биде мојот животен сопатник. Тоа остана така до ден денес. Секако дека сите беа зачудени, бидејки јас сум првиот гитарист во нашето семејство.

Се сеќаваш ли на првиот пат кога ја зема гитарата во раце, какво беше чувството и што беше пресудно кај тебе за во даден момент да не можеш да се одвоиш од гитарата?

  • Првиот момент ја земав гитарата во раце кога почнав да изучувам нижо музичко во класата на мојата прва и многу драга професорка Тања Јанкова. Јас сум природно емотивна личност а класичната гитара е инструмент кој најдобро ја доловува секоја човечка емоција. Во сите композиции ги изразувам сите мои убави мигови и падови преку свирењето. Доколку не го почувствуваш тоа што го свириш тоа се само празни ноти. Преку класичната гитара ја пренесувам мојата емотивна страна, а преку електричната темпераментот.

Бидејќи класичната гитара бара многу технички вештини, кој е најпредизвикувачкиот аспект од свирењето на класична гитара?

  • Класичната гитара е убедливо еден од нај тешките инструменти за изучување и свирење и тоа е причината што има толку малку активни класични гитаристи во Македонија. Жал ми е што не е разграничено дека дипломиран гитарист и некој што научил 5 акорди не е исто и нема никогаш да биде, и кога ќе видам дека некои луге сеуште го разбираат и ценат тоа многу сум среќна. Предизвиците секогаш биле и се големи, рутината треба да се одржува и да не се излегува од форма. Кога го спремав новиот материјал за последните настапи, вежбав од 4 до 7 часа дневно. Најбитен дел од свирењето на класична гитара се ноктите, бидејки во десна рака ние свириме со нив, па затоа многу често кога ќе ми се скрши нокт одам на маникир и многу е тешко да ме разберат дека ми треба за свирење, но сепак ми е полесно на мене отколку на машките колеги (хахах).

Има ли некои гитаристи на кои им се восхитуваш и чии техники ги вградуваш во твоето свирење во класичниот и во рок жанрот? Дали имаш омилени дела за изведување?

  • Пред се, во класичниот жанр би ја издвоила Ана Видович, која од мала па и сеуште ми е голема инспирација и секогаш сум ги слушала нејзините техники и сум гледала што е можно повеќе да ги применувам. Во рок жанрот го издвојувам мојот омилен Andy James кој со својата инструментална музика секогаш го доловувал моето внимание до максимум. Омилени композиции кои останаа омилени од дете до ден денес ми се Una Limosna por el amor de dios- Augustin Barrios Mangore и The wind that shakes the heart- Andy James.

Какво беше твоето прво искуство со изведба во живо? Какви спомени имаш од твојот прв настап во живо?

  • Mојот прв настап во живо беше пред добри 15 години во музичко балетско училишниот центар Илија Николовски Луј. Памтам дека бев малечка и имав трема и голема возбуда, која подоцна научив да ја контролирам на професионално ниво, бидејки сфатив дека тоа е составен дел од мојата работа.

Имаше многу успешни настапи во Македонија и во странство. Што би издвоила од настапите во странство и дали може да направиш споредба во поглед на условите и публиката кај нас и во странство?

  • Пред 4 години пред да започнам со студиите имав опции да се запишам во странство, но мојата опција лично и персонално донесена беше Музичката Академија при Угд, бидејки на овој факултет се изучуваат предметите кои се битни за мојот модул и струка и останав своеволно во Македонија со повремени патувања во странство. Ова докажа колку јас ја сакам Македонија и дека настапите тука не може да ги замени ништо.Топлите погледи нa публиката и чувството дека јас сум допрела нечие срце преку моја изведба е неописливо чувство кое го гледам пречесто на сите настапи. Настапите во странство биле исто така прекрасни и од нив би го издвоила концертот во 2019 на фестивалот Сараевска Зима во Сараево,каде настапив со солистички концерт, како и настапите во 2021 во New York и 2022 во Istanbul. Каде и да патувам, а патувам многу често, моето срце останува во Македонија!

Каква музика слушаш во слободно време и кои се твои омилени македонски бендови или артисти? Што мислиш за моменталната алтернативна сцена?

  • Од мали години иако во мојата фамилија никој не слуша метал и рок јас го слушав тој вид на музика. Тоа сеуште е така но не веќе како порано. Јас уживам во инструменталната гитарска музика и тоа е мојот омилен жанр. Како омилен македонски бенд би ги издвоила Санаториум. Кога сум во друштво не пребирам и секој со мене може да слуша се. Ќе бидам искрена дека не ја пратам многу алтернативната сцена, но сепак мислам дека сите бендови кои се занимаваат со тоа заслужуваат внимание и им посакувам се најдобро.

Дали си размислувала да оформиш свој бенд?

Јас се гледам како посебен инструментален изведувач кој изведува солистички рецитали од интересен вид, како последните 4, со содржина на класика, fingerstyle, neoclassical, blues, rock. Се гледам како посебен индивидуален изведувач и тоа ќе остане така настапите ги организирам сама со спонзорства а оваа година беа одбрани од Општина Кисела вода и Министерството за Култура. Но сепак сум свирела во бендови и сеуште би свирела кога ќе се појави прилика, а тоа обожавам да го правам со машки вокалисти. Кога има свиркa со бенд свирам со нашиот познат пејач Ристо Самарџиев и Ris Flower на поголеми евенти.
Во тезгарските води не се пронаоѓам и иако сум го правела тоа во студентските денови, веќе не го правам.

Со кои гитаристи би сакала да соработуваш доколку ја имаш таа можност?

  • Доколку бирам,би сакала соработка со гитаристот Kfir Ochaion кој исто така се занимава со инструментална музика.

Дали сметаш дека да се биде жена во светот на гитарата кај нас е предизвик или можност?

  • Би рекла дека е и предизвик и можност. Првично ќе слушнеш стереотипи од машки дека женските само и да се облечат провокативно е доволно, во мојот случај немам слушнато такви коментари, со машките колеги сме секогаш во одличен контакт и си помагаме и сите знаат колку сум посветена на инструментот.

Класици отсвирени на електрична гитара или метал отсвирен на класична гитара?

  • Класици на електрична! Моето омилено.

Имаше успешна година, дипломираше, а забележа и голем број на настапи. Кои се твоите идни планови и проекти? Дали може да очекуваме да објавиш некои твои авторски композиции во блиска иднина?

  • Дипломирањето во рок го сметам за мој голем успех, нашиот дипломски испит е поделен на два дела, рециталски дел каде свириме цела свита од Бах, цела класична соната и две пиеси, како и втор дел цел концерт од 3 става. За да се навежба и свири целиот набројан материјал потребна е огромна физичка но пред се психичка и мемориска подготовка бидејки гитаристите го изведуваме целиот материјал напамет, таа подготовка сочинува многу часови вежбање и одрекнување од многу работи иако јас цело време правам multitasking и успевам се. Пред дипломирањето настапив како солист со Македонската Филхармонија, со Concerto no 1 in D Од Tedesco кој беше премиерно изведен со оркестар кај нас. По дипломирањето настапив на Лешочки Камерен Музички Фестивал во дует заедно со мојот ценет професор од факултет Дејан Лазаревски под име Дуо Милонга, а потоа следуваа солистичките classical, fingerstyle and electric guitar night кои се случија за прв пат на Балканот, одржани во Велес во преполна сала во Ликовниот салон а потоа и во Домот на Културата во Скопје. Последниот настап за оваа сезона беше во Струмица на фестивалот Камерата Ад Астра каде приредив ноќ на класичната гитара. Моите планови во иднина се зголемување на моите солистички настапи и желбата да станам концертен гитарист кој живее од тоа станува се по голема. Бидејки заработката е важен дел од мојот живот и секогаш сакам да сум финансиски стабилна на страна од настапите, се случувало да работам и по 3 работи во исто време. Имам 2 готови авторски композиции од кои едната е класичен инструментал,а другата на електрична, но бидејки секогаш сакам се да е перфектно до максимум, го очекувам правиот момент за да се наканам да ги снимам и објавам.

The post Интервју со нашата најперспективна млада гитаристка Александра Кировска: Преку класичната гитара ја пренесувам мојата емотивна страна, а преку електричната темпераментот appeared first on ekran.

Поврзани статии
- Advertisment -
Google search engine

Неодамнешни коментари