дома КУЛТУРА Сцена ИНТЕРВЈУ СО „...

ИНТЕРВЈУ СО „МЕМОРИЈА“: По овој концерт никому нема да му биде сеедно, зашто „Оганот пид ѕвездите“ никогаш не горел посилно!

ИНТЕРВЈУ СО „МЕМОРИЈА“: По овој концерт никому нема да му биде сеедно, зашто „Оганот пид ѕвездите“ никогаш не горел посилно!

Меморија се едни од нашите најзначајни поп-рок групи. Постојат 40 години и сеуште се активни и популарни кај сите генерации на нивни обожаватели. Непосредно пред големиот концертен спектакл, што ќе се случи во сабота во арената Борис Трајковски во Скопје, поразговаравме со нив. Познати по нивниот специфичен спој на моќни рифови, искрени текстови и звук што ги надминува границите, Memorija ги освои срцата на фановите и локално и меѓународно. Со кариерата одбележана со серија албуми ценети од критиката, незаборавни настапи во живо и постојано растечка база на фанови, бендот цврсто се етаблира како пионери на македонската рок сцена. Денес, ние сме воодушевени што ќе седнеме со бендот да разговараме за нивното патување, инспирацијата зад нивната музика и што е следно на хоризонтот за Меморија.

Како дојде до тоа да се формира групата „Меморија“, како се поврзавте и како почнавте да создавате музика и кој го смисли името на бендот?

Тоа беше оддамна, пред цели 40 години, па некои слики помалку избледеле… „Мењморија“ најпрвин беше трио, оформено за да создадемузика  театарска претстава… Од  таму произлегуваат и првите песни, a и името. По копчето за меморирање цели фрази и пачови на синтисајзерот. Малку потоа на 30.10.1983 во тогашниот  Дом на Млади “25 Мај” денес МКЦ  гостува загребскиот актуелен состав Animatori. За загревање на атмосферата на настанот организатор ќе го покани и штотуку оформениот new wave состав од Скопје – МЕМОРИЈА. Таа вечер ќе биде нивното прво концертно претставување. Петар Георгиевски, Ристо Ставрев и Дејан Миновски, и само за овој концерт групата е проширена со уште еден синтисајзер, кој го свири сестрата на Дејан, Маријана Миновска. Непосредно пред настапот, во некоја од емисиите на Радио Скопје, за првпат е пуштена првата снимена песна од новата група – „Моја ли си“. Но првата вистинска постава ќе се формира веднаш во почотекот на следната 1984 година, во која покрај Перо и Дејан, Антонио Димитриеваки ќе седне зад тапаните, стариот пријател од некои бивши бендови на Перо,  Дуле -„Ринго“ ќе стане нов гитарист, а вокалните делници ќе ги пее сега покојниот Зоран Илиќ – Зоци!

Дали кога почнувавте помислувавте и потајно се надевавте дека оваа приказна ќе трае 40 години?

Кога почнуваш не размислуваш така… Не знаеш дали ќе ти тргне, дали ќе траеш една сезона, неколку години или ќе траеш довека. Важно ти е да бидеш активен, да те има, да правиш песним, што повеќе луѓе да те запознаат. Освен тоа бендот е еден организам составен од повеќе души, од различни карактери и табиети, така што иднината секогаш е неизвесна. Но затоа надежта е вечна!

Можете ли да споделите некој настан кој ви останал во сеќавање од раните денови на „Меморија“?

Има многу… Тогаш м се чини дека свиревме повеќе надвор од Македонија, отколку дома. Бор, Ниш, Зајечар, Белград… Одиме така со воз во една прилика да настапуваме во „Домот на млади“ во Ниш.  Во купето влегува кондуктерот, бара возни билети, а веднаш по него двајца полицајци, тогаш милицајци. Прашуваат каде одиме, им кажуваме, по каква работа, им велиме музичари сме. А музичари , а? Дрогата кај ви е? Каква дрога друже, ние не сме „по тој спорт“, а тие симнувај гкуферите со гитарите, опремата, се што имаме на претрес… Отјкако не најдоа ништо, го прашуваат Антонио кој  носеше панталони во пруги. А ти што патуваш по пиџами , а? Ај сега да платиш казна за неморал и нарушување на јавен ред . Едвај се објаснивме дека таква е модата, дека не пиџами, туку панталони…

Со кои се предизвици се соочуваше „Меморија“ кога го почнуваше своето патешествие на македонската музичка сцена?

Со сите можни… Од немање сввој простор за вежбање кој го изнајмувавме и плаќавме кирија, до немање профи инструменти и опрема, која тогаш можеше да се набави само од странство и беше страшно скапа, но најголем проблем беше да се влезе во студио и да се сними песна. Единствено профи студио беше М2 во продукцијата на МРТ, каде тогаш големите македонски бардови на забавната музика  на рокерите или не им даваа ни да припирисаат, или им даваа термин „на кафено лажиче“. Па што снимиш-снимиш, ако  воопшто снимиш. Да ти ја  пуштат пак песната на Радио Скопје, беше научна фантастика. Сто врски да имаш, џабе ти е… Едвај по некој успеваше!

Дали некои конкретни бендови или уметници го инспирираа звукот што тогаш го создававте?

Влијанија имало уште од порано, од нашите почетоци како рокери… Од времето на хард рокот во 70-ите и бендови како Deep Purple, Led Zeppelin, Black Sabbath,  подоцна Whitesnake… па се до оние кои тогаш беа во фокусот на популарноста, во почетокот на 80-ите и времето на „новиот романтизам“ како:  Duran Duran, Spandau Ballet, Simple Minds, A-ha… Со тоа што ние сепак се трудевме од сите тие влијанија да создадеме сопствен, автентичен и препознатлив звук.

Вашата музика комбинира различни музички жанрови. Како дојдовте до тоа да развиете таков уникатен звук?

Па веќе ги споменавме влијанијата… Но важно е да се каже дека не го заобиколивме амбиентот во кој живееме, како и просторот на кој создаваме. Многу е важно да знаеш на која публика и се обраќаш со своите песни. Тоа е парче што треба да е вткаено во мозаикот покрај оригиналноста. Може да свириш и пееш нешто што во моментот е ултрамодерно,а ам ако нема парче балканска душа во него, ќе поминеш како моден тренд за три месеци… и ќе те снема. За нешто да остане, мора да има нитка која го поврзува со корените… Воо текстот, во музиката, во битието на самата песна. Затоа и ден денес еден Чола, Дугме, Дино-Мерлин,Бајага, до скоро Чорба… и понатаму се најголемите… Го носат Балканот во својот музички бит, а не звучат како од некое црнечко гето во Бруклин!

Како еволуираше звукот на „Меморија“ низ годините? Дали има некои позначајни поместувања во вашиот музички правец низ текот на годините?

Во основа сето тоа е поп-рок препознатлив на овие наши регионални простори. Ништо поразлично од тоа што свират големите екс ЈУ бендови, се разбира секој со сопствениот идентитет. Со тоа што во секој различен временски период додавате нешто што е или во тој момент модерно или универзално… Секако треба да ви се поклопат коцкичките, за музичкиот мозаик да звучи убаво, привлечно, хитовски, а сепак препознатливо… Да донесете музички новитет, а сепак да не избегате од сопствениот идентитет… што е многу тешко!

Вашите текстови често допираат длабоки теми. Дали постои одредена порака и тема што е универзална и што ја пренесувате преку вашите песни?

И тоа како постои… Се која песна носи своја порака, но сите заедно кај „Меморија“ имаат една заедничка нитка, еден заеднички содржател, а тоа е Македонија. Од „Оган под ѕвездите“, до „Дирлада“  провејува  душата на Македонија. И тоа не е локал патриотизам или некаковв национализам, туку љубов и респект кон сопствените вредности, својот народ и земја… Затоа „Меморија“ е можеби најнародниот рок ен рол бенд. Публиката тоа го чувствува и прпознава и знае да го цени и почитува, а групата секогаш и возвраќа со нова љубов и енергија.

Како политичкиот и општествениот живот во Македонија влијаеше на вашата музика и текстови воопшто?

Навидум во песните на Меморија нема експлицитна политика, ама сепак наместа ја има… Во  „Оган под ѕвездите“  се препознава егејскиот егзодус, во „Одам засекогаш“  иселувањето и заминувањето на младите, во „Дирлада“  триесет и кусур годишниот спор со јужниот сосед, за „Македонија“ и да не зборуваме…  Можеби дискретно, латентно, ненаметливо, ама сепак политиката  провејува иако во суштина во сите песни преовладува љубовта.

Гледајќи наназад на вашата дискографија со кој албум или песна најмногу се гордеете и зошто?

Уффф… тоа е како една  мајка да прашате кое дете и е подраго: синот или ќерката или едно да издвои од многуте, ако е семејството многудетно? Тешко е да се каже иако очигледно е дека некако низ сите овие години најмногу публиката се идентификува со  две теми. Една балада, една брза… „Оган под ѕвездите“  е безвременска. Една од оние балади кои се прават еднаш во кариерата. Евергрин за сите времиња! „Дирлада“ пак од друга страна е хит за сите генерации. Ја пее и старо и младо. Песна за секоја  весела прилика, од свадби до журки и концерти!

Каков беше креативниот процес при создавањето на вашите најголеми хитови? Имаше ли некој конкретен момент или настан кој инспирираше дел од нив?

-Песната не се пишува како книга… Не  е тоа долг процес кој трае со месеци. Или ја имаш, ти доаѓа и ја запишуваш или снимаш демо или ја немаш. Или ќе ти кликне темата и тоа е тоа, а потоа само аранжмански ја развиваш, ја дотеруваш, продукциски шминкаш… А идејата секако е инспирирана од настан. Животен, љубовен,емотивен, среќен, разочарувачки,  политички… Зависи во кое расположение и под кое влијание си кога ќе ти дојде музата!

Како сте задоволни од тоа каков печат и какво наследство оставивте на македонската музичка сцена? Дали со тоа што младите генерации ги знаат и ги слушаат вашите песни ја исполнивте својата цел како музичари?

Тоа е она што е круна на целата работа, смислата на целото постоење сиве овие години. НИз „Меморија“ поминале 40-ина музичари и секој оставил парче душа во бендот, во самите песни, коим пак создале едно наследство кое може да се каже дека е и еден вид културно за некогашните, сегашните и идните генерации. Песни кои остануваат се самите по себе вредност, а вредностите го сочинваат вредносниот систем врз кој треба да почива една нација. Се разбира во сверата на она што овој тип музика и пораките од неа го носат и нудат. „Оганот под ѕвездите“  на ова парче небо под кое се протега оваа македонска земја  веројатно ќе остане да гори и по нашето заминување и од сцената и од овој свет.

Дали сметате дека модерната музичка индустрија и платформите за стриминг го менуваат начинот на кој се создава и доживува музиката? Кои се вашите размислувања на оваа тема? Како го гледате светот и музиката, да речеме, за 10-15 години од сега?

Технологијата помага, ама не создава… Вештачката интилигенција ќе може веројатно и самата да пишува песни, па и да ги пее, ама има едно нешто што „роботите и машините“  никогаш не ќе можат да го имаат и дадат. Никогаш на песната неќе можат да и вдахнат душа, зашто и самите ја немаат. Вештачка душа не ќе може никогаш никој да создаде освен самиот Бог,па со самото тоа тие не ќе можат песната  да ја донесат со таква експресија со каква што може едно човечко суштество.  Затоа и техно музиката звучи тапо, здо0девно, индолентно, импотентно… Звукот и продукцијата се супериорни, ама емоцијата никаде ја нема. Зашто машините немаат душа!

Со оглед на вашето огромно искуство, каков совет би им дале на артистите кои сега почнуваат со својата музичка кариера?

Во основа најважна е песната. Таа е базата, темелот, постаментот… на кој стои се! Ако ја имаш, се друго е надградба, шминка, естетика. Секако треба да се внимава на пакетот, зашто времињата тоа го бараат. Не е доволно само да стоиш и пееш. Се бара шоу… Имиџ, изгледм, кореографија, сценографија, сценски ефекти, видеоефекти, свтла, ласери…  Добар ПР, медиумска присатност, па дури и скандали… Сето тоа е важно за популарноста и рејтингот. Но без добра песна, сето  тоа е попусто. Како грда мома во скапа гардероба… Или никој не ја погледнува или е за една употреба.

Што би издвоиле како хајлајтс од вашата 40-годишна кариера и кои настапи ви се најдраги и ви останале во сеќавање?

Тешко е да се издвои, ама кога веќе мора… Првиот, пред 40-ина години  во „Дом на млади 25 Мај“  во Скопје, сега МКЦ, по оние тешки снегови и студена зима.  Потоа оној првиот спектакуларен на летната  сцена во „Дом на млади“ во Штип и неговата уштеповеличествена реприза летово, по цели четири децении, потоа една егзибиција на почетокот на кариерат во Белград, каде за една вечер „Меморија“ имаше дури три настапи од по 60 минути и тоа на три култни простори:  На сцената на Таш и тогашната 202-ка на ВладаЈанковиќ – Џет, па оттаму во „Дом омладине“  на Врачар во центарот на Белград и конечно во култната „Ликовна академија“, каде што во тоа време во почетокот на 80-ите настапуваа бендови како  едни ЕКВ, Идоли, Електрични Оргазам, Филм, Хаустор…   И сиот тој трилинг во една ноќ по која таксито возеше „200 на саат“ низ белградските улици за да не задоцниме и да го фатиме последниот воз за Скопје. Секако за паметење се и повратничкиот концерт на скопското сајмиште и оној во арената „Борис Трајковски“ пред некоја година. Овој најновиот, допрва ќе влезе во аналите за паметење, дури можеби и како најголем и најзначаен.

Како по долг временски период повторно се решивте да се вратите на музичката сцена? Концертот во Штип на 1 јуни оваа година беше загревање за големиот спектакл што следи. Како си поминавте на концертот, бидејќи тоа воедно беше и со ваш прв настап со новите членови?

Видеснимките и клиповите на социјалните мрежи говорат повеќе од сите зборови на овој свет. Враќање во иднината, со незаборавна реприза на минатотото, истиот простор, на сцената истиот бенд во различна постава, истите, песни збогатени со нови, во публиката добар дел од истите луѓе, некои сега дури и со своите деца и многу млада публика. Микс од музика, енмоции и убавина.

Секогаш на маестрален начин сте преработувале некоја македонска народна песна, давајќи и свој посебен печат. Така е и со најновите преработки содржани во „Македонски бисери“. Дали има посебна причина зошто ги одбравте баш тие песни?

-Има секако, зашто во нив е вткаена онаа македонска нитка која е карактеристична за битието на овој ннарод. И кога се раду8вал и кога тагувал  и кога плачел и кога пеел… Икога аминувал и кога се враќал. Тоа е нашиот македонски код! Секако има и многу други, но ова е изборот на таа блескава нишка музички бисери.

Пред Нова Година очекуваме да излезе вашиот нов албум. Судејќи според сингловите кои досега ги издадовте: „За тебе“, „За добро да е“, „Мој народе“, преработката на „Јано“, дали може да очекуваме дека ова ќе биде еден од најдобрите албуми на „Меморија“?

Албумот ќе се појави со 9 нови песни, меѓу кои и овие споменативе, но некаде во февруари идната година. Треба време да легнат впечатоците, да се сумираат импресиите од концертот кој следува, а потоа доаѓа Нова Година, но и време да се доснимат уште неколку нови опесни и сето тоа потоа да се обработи продикциски и печати на носач на звук, Тоа е процес, кој не се работи набрзина, затоа е подобро да се почека до пшочетокот на следната година! И овие песни веќе сега одлично минуваат, а концертот ќе биде најдобар репер која од нив ќе се издвои, која најдобро публиката ќе ја прифати. Но има уште неколку неснимени кои се и тоа како „потенцијални бисери“!

За неколку дена не очекува вашиот голем славенички концерт во арената Борис Трајковски. Што може да очекуваат сите оние кои ќе дојдат на вашиот концерт? И конечно, каква порака би сакале да им испратите на вашите фанови кои го поддржуваат бендот сите овие години?

Ова ќе биде посебен концерт… Поточно своевиден аудиовизуелен музички спектакл. Своевидна симбизоза  на технологијата и душата…На фасцинацијата од светла, ласери и бои,  визуелни  ефекти и  видеоанимации… и музички изведби вткаени во едно големо парче, во еден футуристички мозаик –  на природна база. Многу специјални гости, посебни изненадувања, со интересни сопствени изведби, но и нивни елементи вткаени во песните на групата, на моменти женска журка, на моменти море од емоции… Се заедно, нешто доеега невидено и или барем недоживеано од  домашен бенд.

По овој концерт никому нема да му биде сеедно, зашто „Оганот пид ѕвездите“ никогаш не горел посилно!

Интервјуто е направено од Б.Т.

 

The post ИНТЕРВЈУ СО „МЕМОРИЈА“: По овој концерт никому нема да му биде сеедно, зашто „Оганот пид ѕвездите“ никогаш не горел посилно! appeared first on ekran.

Exit mobile version