Ова е најпрестижниот математички натпревар за ученици до 15,5 години, а нашето чудо од дете, Дамјан Давков, е најуспешниот натпреварувач во тридецениското постоење на ЈБМО
Околу 70.000 евра се потребни за Македонија да може да ја организира 29. Јуниорска балканска математичка олимпијада (ЈБМО) која треба да се одржи во јуни, идната година. Сојузот на математичари на Македонија (СММ) до крајот на месецов треба да се изјасни дали ќе успее да го организира натпреварот. Сојузот е единствениот македонски претставник во меѓународната организација MASSEE, организација што ја организира Олимпијадата. Ова е најпрестижниот математички натпревар за ученици до 15,5 години, а нашето чудо од дете, Дамјан Давков,
Еден од македонските тимови во изминатите години
Според правилата, учесници на ЈБМО се 11 држави од МASSEE, а Македонија како домаќин има право да учествува со два тима. Секој од тимовите се состои од 6 натпреварувачи, водач и заменик водач. За нив и за екипата за организација домаќинот треба да обезбеди по хотелско сместување и 5 ноќевања за околу 120 луѓе. Вообичаено на олимпијадата учествуваат и околу 7-8 држави кои не се членки на MASSEE.
– Формиравме организациски одбор на олимпијадата кој почна со подготовки. Нашите процени се дека оваа организација би чинела околу 70.000 евра, за да биде се организирано како што е вообичаено, т.е. како што е во другите држави каде се одржувала олимпијадата. Во другите земји обично овие меѓународни натпревари ги финансира државата. Кај нас, засега, немаме најави за финансии од државата. Без тоа е невозможно да ја организираме оваа олимпијада – вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, претседател на СММ.
Ѓорѓи Маркоски
Секоја година земја-домаќин е една од 11-те членки на МASSEE и тие ротираат. Македонија била домаќин на ЈБМО во 2000 и во 2014 година. Маркоски вели дека во тие години не бил во организацијата на олимпијадите и нема информација како биле финансирани во тие години.
– Но, сигурен сум дека Владата може да најде начин да го помогне овој натпревар, како што тоа сигурно го правела и претходно. Македонија во последниве години (особено со успесите на Дамјан, и на меѓународната математичка олимпијада) значајно го погина своето реноме во натпреварите по математика. Ми се чини и дека неговите и успесите на другите натпреварувачи придонесуваат и за поголема масовност и мотивација за изучување математика кај другите ученици од нашата држава. Се разбира и сите поранешни натпреварувачи кои сега се истакнати научници, инженери, професори низ повеќе држави во светот – вели Маркоски.
СММ веќе поднел барање до Министерството за образование и наука со детални пресметки и буџет потребни за Олимпијадата што треба да се организира идната година. Оттаму добиле одговор дека МОН нема законска основа да финансира вакви натпревари зашто тоа не го дозволува Законот за средно образование и ветиле дека ќе се обратат за помош во бизнис-секторот преку Стопанската комора на Македонија.
ЈБМО во земјите во регионот
– Побаравме финансиска помош од МОН. Добивме негативен одговор. Побаравме и од Владата, оттаму сè уште немам одговор. Неколку поголеми компании нè одбија. Од една-две засега имаме усна најава дека би можеле да финансираат по неколку илјади евра. И тоа е сè, засега – вели Маркоски.
Според пропозициите, ако до крајот на месецов не успеат да го обезбедат потребниот буџет, ќе мора да ја откажат организацијата на ЈБМО 2025 за да може друга земја да ја преземе оваа обврска.
– По сите успеси во изминатите години, тоа ќе значи голем срам за Македонија, и несериозност во рамките на MASSEE – вели Маркоски.
The post Има ли Македонија 70.000 евра за да ги пречека најдобрите млади математичари од Балканот? first appeared on УМНО.МК.