Чилеанскиот тенисер Николас Џари се најде во неволја кога пристигна во својата соба во Олимпиското село. Таму го чекаше познатиот картонски кревет, кој беше промовиран пред три години, во Токио.
На официјалниот сајт на АТП пишува дека Џари е висок 201 сантиметар, па мора да се снајде за да може да се испружи на креветот.
Решението го сподели со своите следачи на социјалните мрежи, каде што објави видео на кое се гледа еден вид картонски продолжеток што го ставил на дното.
Инаку, Џари ќе биде знаменосец за Чиле, заедно со веслачот Антонио Абрахам, кога ќе прошета делегацијата на земјата по Сена, со другите, на свеченото отворање.
Претходно, бројни спортисти ги снимија картонските кревети на кои спијат, т.н. антисекс кревети. Во Олимпиското село, спортистите се забавуваат снимајќи видеа за тоа како ги тестираат креветите што беа користени во Токио, во 2021 година. Тие се нарекуваат антисекс кревети, бидејќи може да издржат помал товар. Французите обезбедија преку 300.000 кондоми за времетраењето на Олимписките игри.
На видеата може да се видат и две од австралиските тенисерки, Дарија Савил и Елен Перез, кои решија да ја „проверат“ цврстината на креветот. Скокаа по него, вежбаа волеј, и креветите го положија тестот.
Патем, Јапонците дизајнираа кревети против секс во текот на пандемијата на коронавирусот, со цел да ја потиснат интимноста меѓу спортистите.