дома КУЛТУРА Изложба по по...

Изложба по повод 120 години од раѓањето на Вангел Коџоман

Изложба по повод 120 години од раѓањето на Вангел Коџоман

Во организација на Националната галерија на Македонија вечер во Даут-пашин амам ќе биде отворена изложба посветена на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман. Изложбата е по повод 120 години од неговото раѓање.

Посетителите ќе имаат можност да се потсетат на неговиот живот и творештво, неговите портрети и пејзажи, боите и светлината на неговиот роден крај.

Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност.

-Важно е да потсетиме на огромните напори што овие автори ги вложувале во своето творештво за осовременување на македонскиот ликовен и културен живот, кој се одвивал во тешки економски и општествено-политички услови. Тие твореле во времиња кога уметноста не ѝ била толку блиска на пошироката јавност, во период обележан од војни, сиромаштија и несигурност. Делата на овие автори за нас претставуваат и своевидно сведоштво за тие минати времиња, белези се што нѐ потсетуваат на промените кои се случувале, а кои уметниците ги доживувале на ним својствен длабок, емотивен, индивидуален начин, нагласуваат од Националната галерија.

Ликовниот опус на Вангел Коџоман е многу голем. – Пред сѐ, тоа се должи на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија. Оттука ја црпи својата истрајност, дисциплинираност и посветеност кон работата. Третманот на сите техники во кои се изразува за него имаат иста важност и вредност, како и темите кои ги обработува во текот на својот творечки живот, што ќе го одбележи како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како сликар на македонското поднебје.До крајот на својот живот (1994) вредно, одговорно и со огромна љубов ќе биде посветен на својот занает: уметноста и сликарството. Улогата на Вангел Коџоман како еден од основоположниците на македонската модерна уметност ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност, потенцираат од Националната галерија.

Куратор на изложбата е Александра Зиновски Вилиќ, а ќе биде поставена до 20 декември 2024 година.

Exit mobile version